Илустрација / Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

Грчките медиуми за признавањето на Охридската архиепископија за канонска

„Вселенската патријаршија ја призна црквата на Северна Македонија како Охридска црква“; „Вселенска патријаршија: Охридската црква на Северна Македонија станува канонска“; „Вселенската патријаршија ја призна шизматичката црква на Скопје; „Вселенската патријаршија ја призна црквата на Северна Македонија – задоволство во Скопје“, „Вселенската патријаршија ја прими скопската архиепископија во црковно општење“, се дел од насловите во грчките медиуми за вчерашната одлука за признавање на Охридската Архиепископија за канонска, јави дописничката на МИА од Атина.

Медиумите во Грција детално ги пренесуваат и соопштението од Вселенската патријаршија, но и реакциите од Македонија.

Црковниот портал „Ортодоксија инфо“ во текстот под наслов „Шах-матот“ на вселенскиот патријарх што го збриша планот на руско-српската оска за нова турбуленција на Балканот“, пишува дека со одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија „се става крај на повеќегодишната перипетија на шизматичката црква, која ја врати во рамките на канонската православна црква“.

Се додава дека и покрај непријателскиот став на Српската патријаршија, Константинопол не навлегува подлабоко во прашањето и му остава на Белград да преземе потези за завршување на постапката по ова прашање.

– Со овој одлучувачки потег, Фанар става крај на новите аспирации на Русија да предизвика нова рунда конфронтации околу јурисдиктивните прашања, а црквата на Србија ја става пред своите одговорности за завршување на напорите за решавање на проблемот според Светите канони – коментира порталот.

Во продолжение, пишува дека „во многу храмови во соседната земја, радосно почнаа да бијат камбаните, откако го слушнаа соопштението на Вселенската патријаршија, објавувајќи ја историската одлука за нив“, а ја пренесува и објавата на Фејсбук на премиерот Димитар Ковачевски.

Грчката новинска агенција АНА-МПА пишува дека одлуката на Вселенската патријаршија беше главна тема во медиумите во Македонија и ги пренесува изразените ставови, како на премиерот Ковачевски, така и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.

Објаснува дека одлуката за признавањето не значи и доделување автокефалност.