Руски хакери ги напаѓаат сајтовите на германските власти, институции и аеродроми, тврди германското списание „Шпигел“, повикувајќи се на интерниот извештај на надлежните органи.
Од кибер нападите, меѓу другото, се погодени и федералната полиција, неколку провинциски полиции, Бундестагот, Министерството за одбрана, но и партиската веб-страница на канцеларот Олаф Шолц.
Некои сајтови, како што се на Бундесверот и Министерството за одбрана, беа привремено затворени поради нападот.
Група хакери по име „Килнет“ ја презеде одговорноста преку Телеграм за кибер нападите.
Германските власти сметаат дека оваа активност на „Килнет“ е одмазда за испораката на оружје во Украина.
Инаку, „Килнет“ преку сопствените Телеграм-канали бараше доброволци за виртуелна борба и нудеше за услугите, согласно „јачината“, од 50 до 3.000 долари.