Во светот има 13 земји, кои во своите трезори не чуваат златни прачки, а 14 земји имаат помалку од еден отсто злато од вкупните девизни резерви
Земјите во светот применуваат различни монетарни политики кога станува збор за чувањето на девизните резерви во злато. Според податоците на Светскиот совет за злато за 2021 година, 13 земји во своите трезори немаат златни прачки, а 14 земји имаат помалку од еден отсто злато од вкупните девизни резерви. Има држави што поседуваат до 60 отсто од меѓународните девизни резерви во злато. Пет економии во светот, кои располагаат со високи девизни резерви, во своите трезори не чуваат злато. Тоа се: Канада, Норвешка, Хрватска, Азербејџан и Костарика. Меѓу другите земји без златна резерва се: Никарагва, Камерун, Ерменија, Габон, Туркменистан, Конго, Чад и Еритреја.
Канада е меѓу најголемите економии без златни резерви. Оваа земја остварува високи приходи и богата е со природни ресурси. На 31 декември 2021 година, девизните резерви на Канада изнесувале 106,61 милијарди долари, а до февруари годинава се намалиле на 102, 89 милијарди долари.
Норвешка, една од најбогатите земји според БДП по жител, располага во големи природни ресурси на нафта, гас и хидроенергетски потенцијали. До 2003 година, златните резерви во Норвешка изнесувале 37 тони, од нив 3,5 тони биле во златни монети и 33,5 тони во златни прачки. Норвешката централна банка во 2004 година ги продала златните прачки и одлучила да задржи само седум, кои ќе служат за изложба. Норвешките девизни резерви се поделени на портфели со фиксни приходи и со акции. Кон крајот на 2021 година, девизните резерви на Норвешка изнесувале 84,72 милијарди долари.
Хрватска е трета најголема економија со висок доход што не преферира да ги чува државните резерви во злато.
Во 1999 година, таа имала 13,2 тони злато, кое го прими од Банката за меѓународно порамнување, како наследство од поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Хрватските девизни резерви во 2021 година изнесувале 28,31 милијарди долари.
Азербејџан припаѓа на групата земји со висок среден доход. Државата не поседувала златни резерви во 2012 година, додека во 2014 година поседувала 30,17 тони. Од 2017 година, количеството злато е помало од тон, а доларската вредност на златните резерви е незначителна. Вкупните девизни резерви во 2021 година изнесувале околу 8,31 милијарди долари. Државниот нафтен фонд на Република Азербејџан вложува десет отсто од своето инвестициско портфолио во злато.
Костарика има мала отворена економија, а земјата остварува средно висок национален доход. Земјата е богата со златни рудници. Според податоците во последните десет години, златото не е застапено во меѓународните резерви. Во декември 2021 година, девизните резерви на Костарика изнесувале 7,57 милијарди долари, пренесува „Ал џезира“.
Подготвил: Митко Јовановски