Контролните мерки и ограничувања поврзани со ковид-19 за влез во Србија и Хрватска од утре нема да важат.
Од утре влезот во Република Хрватска ќе биде дозволен под истите услови како и пред пандемијата на ковид-19, соопшти хрватското Министерство за внатрешни работи (ЕПА).
Истите услови од утре ќе важат и за влез во соседна Србија која исто како и Хрватска ги укина сите контролни мерки и ограничувања за влез во земјата, поврзани со коронавирусот, како за странските, така и за домашните граѓани.
Од полноќ, српските државјани, но и странските државјани нема да имаат потреба од негативен ПЦР тест, брз антиген тест, доказ за болест или потврда за вакцинација, без разлика од која земја доаѓаат во Србија, пренесоа српските медиуми.
Одлуката за укинување на мерките е донесена врз основа на моменталната епидемиолошка состојба во земјата и е во согласност со одлуките на повеќето земји во Европа и регионот.
Од Владата на Србија велат дека надлежните институции ќе продолжат од час во час да го следат развојот на епидемиската состојба и дека за тоа навремено ќе ја информираат јавноста.