На 88 годишна возраст денеска во Скопје почина доајенот на македонското спортско новинарство Бранко Давидовски. Меѓу спортски работници Давидовски беше познат по прекарот „Мајка“.
Давидовски со спорт почна да се занимава 1947 година во периодот на основањето на ФК Вардар. Ги помина сите возрасни категории, а заигра и за сениорскиот тим.
По фудбалската кариера почна да работи како спортски новинар. Најголема трага остави во Македонското радио каде долги години беше уредник. Известуваше од бројни домашни и меѓународни спортски натпревари. По пензионирањето, хонорарно работеше за весниците „Вечер“, „Утрински весник“ и „Македонски спорт“.
Погребот на Бранко Давидовски ќе биде утре во 12 часот на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.