Фото: МИА

Најлесно е да се покачи платата во јавниот сектор – Синдикатот ќе побара, Владата ќе одобри, а ќе ја платат даночните обврзници, но тие даночни обврзници треба да добијат и повисоко ниво на услуга кога плаќаат за платата која е повисока, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање по денешното означување на почетокот на градежните активности за реконструкција на салата „Партизан“ во Карпош.

– Низ разговор со синдикатите и со репрезентативниот синдикат ќе дојдеме до решение во кое ќе имаме зголемување на платите во целиот јавен сектор. Апелирам наставниците да се вратат во училиштата. Секогаш сум на нивната страна и затоа го имаме отворено дијалогот со СОНК, кој е во постојан континуитет освен тогаш кога СОНК ќе реши да штрајкува без да има завршен дијалог за кој постојат законски прописи и рокови. Уверен сум дека ќе дојдеме до решение и тоа не само до краткорочно, туку до достоинствено долгорочно решение за наставниците и за другите вработени во јавниот сектор-рече Ковачевски.
Тој порача дека заедничко решение може и ќе се најде, меѓутоа, како што нагласи, СОНК треба да биде искрен пред своите членови дека Владата уште од првиот ден е отворена за преговори и за разговори и дека преговори не се водат под уцена, туку се водат низ економско-социјалниот дијалог.

– Ја покачивме минималната плата и постои законски рок од шест месеци за усогласување на платите. Тој рок не е истечен. СОНК без да го отвори дијалогот во рамки на тие шест месеци го започна штрајкот. Според мене, ги доведе во заблуда наставниците-рече Ковачевски.

Тој посочи дека на вчерашната прес-конференцијата претседателот на СОНК ги образложи членовите од колективниот договор и од законот за законско исплаќање на плата во време на штрајк. Меѓутоа, потенцира премиерот, не беше искрен до крај, не ги кажа точните членови и не ги кажа докрај сите членови во однос на тие законски решенија.

– Тоа треба да го направи. Кажавме дека ќе разговараме и тоа се заклучоци на Владата дека ќе разговараме со репрезентативниот синдикат во однос на зголемувањето на платите во јавниот сектор и во однос на воведување на нова методологија за зголемување во иднина на платите во јавниот сектор. Но, и за отворање на процес за изработка на нов закон за плати во државата со кој ќе се отстранат голем број на неконзистентности кои постојат во јавниот сектор и отворање на процес на реформи во јавниот сектор, бидејќи брои повеќе од 132 илјади вработени кои се платени од вработените во приватниот сектор и доколку се покачува платата, што треба да се направи, треба да се испорача и подобра услуга за граѓаните кои ги плаќаат тие плати-посочи Ковачевски.

Во врска со разрешувањето на директорот на „Пошта“ Јани Макрадули, Ковачевски рече дека тоа е направено низ „меѓусебен договор помеѓу премиерот и директорот на Македонска пошта заради унапредување на работењето на претпријатието“ по што, како што нагласи, дојде до менаџерската промена.