Клубот нема претензии да се вклучи во натпреварите организирани од страна на ШФМ, а негова основна цел ќе биде популаризација на шахот и одржување на ветераните во добра „шаховска кондиција“
По иницијатива на неколку активни и поранешни шахисти, а со цел за организирани шаховски активности за шахистите од „третата доба“, во Скопје се одржа основачко собрание на клубот на шаховските ветерани, Скопје 72. Клубот нема претензии да се вклучи во натпреварите организирани од страна на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), а негова основна цел ќе биде популаризација на шахот и одржување на ветераните во добра „шаховска кондиција“.
– Еден од главните проекти на клубот ќе биде „Шах на отворено“, со кој би се анимирала помладата популација, но и сите љубители на шахот. Проектот има цел и постојано да ги потсетува институциите дека повеќе од две децении Скопје нема шаховски дом. Ќе има и организирање меѓуградски шаховски натпревари со ветерани од други градови во Македонија, како и со клубови на шаховски ветерани во регионот. Понатаму, соработка со ШК Гамбит Асеко СЕЕ и со други клубови што работат со помлади категории шахисти, со организација на натпревари со млади и талентирани надежи, како и пренесување на знаењата и искуствата од страна на шаховските ветерани. Нема да изостане ниту соработката со Сојузот на слепи и слабовидни шахисти и организирање шаховски натпревари – вели претседателот на клубот, Илија Стошевски.
На основачкото собрание на клубот, титулата почесен член им беше доделена на Благоја Сотировски-Џагуре, трикратен првак на Македонија во 50-тите години на минатиот век, и на интернационалниот мајстор (ИМ) Димитар Илиевски, еден од доајените на македонскиот шах.
Името на шаховскиот клуб Скопје 72 има цел постојано да ја потсетува јавноста на најголемиот шаховски настан одржан во Македонија, а тоа е 20. Шаховска олимпијада во 1972 година во Скопје – потенцираат од клубот.