Направив успешен спој помеѓу возрасна и детска актерска
екипа, која на прекрасен начин ја водеше приказната. Спојот од негативни ликови и нивното преобразување во позитивни се илустрира со заклетвата за чесен збор и добро однесување кон природата, вели режисерката и сценаристка Микица Илова
„Приказна од волшебната шума“ ги врати децата во кавадаречкиот театар
Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци деновиве повторно беше исполнет со детски џагор, а вистинско задоволство беше да се слушнат заразното смеење на младите љубители на театарот и нивното бурно ракоплескање. По речиси две и пол години, најмладата театарска публика без маски ја следеше претставата, па затоа радоста и меѓу глумците и во публиката беше уште поголема.
Детско-младинската претстава „Приказна за волшебната шума“, која премиерно беше прикажа минатата среда, работена е по мотиви од бајките на браќата Грим. Драматизацијата и режијата се на Микица Илова, а волшебните костими што ја маѓепсаа публиката и овој пат ги изработи Сара Милевска.
Станува збор за интересна детска претстава, во која познатите ликови од бајките се поинакви и поблиски до нашето секојдневие и испраќаат многу силни пораки до децата. Така, на пример, Црвенкапа е вистинска бестрашна хероина, а страшниот волк плашлив, но многу итар и во сојуз со лошата кралица.
Улогите ги толкуваа: Анета Мишева, Александар Видиков, Кристина Јованова, Саше Орешков, Викторија Чочева Јована Секуловска, Петар Јованов, Ана Мукаетова, Михаела Атанасова и Мартина Илиевска.
– „Приказна за волшебната шума“ е современа бајка, работена по мотиви од познатите бајки на браќата Грим. Идејата да го напишам овој драмски текст произлезе од сознанието дека денешните деца не сакаат да читаат бајки за волкот и Црвенкапа, Јованче и Марика, ловецот и лошата кралица, туку сакаат да се идентификуваат со поинакви јунаци. За да им ги доближам на децата овие стари познати ликови од бајките на браќата Грим, направив спој со современите јунаци, излегов од познатото клише на детските приказни и стереотипи и создадов ликови што не се плашат и сакаат да бидат херои и јунаци што на пример сакаат да ја спасат шумата од лошите луѓе. Претставата е вистинско освежување на сцената, бидејќи ги оживува детските соништа, ја развива бујната фантазија преку авантурите на Јованче и Марика и готвачката во улога на наратор, кои ја водат публиката низ целата приказна – вели режисерката Микица Илова.
Претставата соопштува и еколошки пораки за тоа како треба да се однесуваме со природата, местото во кое живееме и како ќе бидеме наградени ако се грижиме за неа.
– Направив успешен спој помеѓу возрасна и детска актерска екипа, која на прекрасен начин ја водеше приказната. Спојот од негативни ликови и нивното преобразување во позитивни се илустрира со заклетвата за чесен збор и добро однесување кон природата – дополнува Микица Илова.
„Давам чесен шумски збор дека нема да ја уништувам шумата.
Ветувам дека ќе се грижам за сите Нејзини убавини. Давам збор дека ќе ја чувам
Од натрапници и крадци Како што е волкот. Секогаш ќе го изгаснам огнот
И ќе се грижам за тоа што го Создале природата, бог и човекот.“
Ова е една од пораките што ги испраќа оваа претстава до децата.
Сценографијата за претставата е работена по идеја на Микица Илова. Сценскиот декор, волшебниот портал и вистинските дрвца придонесоа претставата да биде уште побогата.
– Во ова стресно време на пандемија, кое искрено се надевам дека го надминуваме, уживав во работата со мојата актерска екипа, сега освежена со нови актери и поткрепена со повозрасни членови на детскиот ансамбл, и можам да кажам дека сум повеќе од задоволна и горда што сите заедно успеавме да ја оживееме магијата на сцената, а публиката го почувствува тоа и нѐ награди со бурен аплауз. Исто така костимите, кои извонредно беа изработени од костимографката Сара Милевска, беа како од бајка излезени. За секој актер костимот е многу важен во градењето на ликот, особено за младите актери, кои слободно можам да кажам претставуваат надежна иднина за нашиот театар во Кавадарци – изјави Микица Илова.
Деновите пред празникот Велигден е организирано претставата да се прикажува за учениците од прво до петто одделение од сите основните училишта во Кавадарци.