Време за (р)еволуција на умот

Неделава е Недела на модната револуција. Веќе неколку години се одбележува и кај нас. Но во актуелниот политички момент симболиката на поимот револуција или еволуција добива многу поширока општествена димензија. Зашто по сѐ што ни се случува изгледа најпотребна ни е револуција или еволуција на умот. За модата велат дека е тешко да се биде модерен бидејќи секогаш постои ризик да излезете од мода и да ве отфрлат настрана. Во модата, сепак, има трендови и стилови што се враќаат на сцена по неколку години или децении. Но кога во високата политика имате обиди некои застарени и отфрлени ретроградни појави да ви се вратат на отворена сцена и притоа да шират и пропагираат фашизам, тогаш навистина нешто не е во ред со општеството во целина. Враќањето во мода на ликови како Ванчо Михајлов и со тоа повампирување на фашизмот е аларм и за самата ЕУ

Живееме во чудни времиња. Времиња на револуции од секаков тип. Гласно зборуваме за права, идентитет, демократија. Се обидуваме да направиме коренити измени во политиката, општеството, модата, науката, уметноста, совеста, историјата… Се бориме за слобода, слобода на ум, на живеење, а пак поддржуваме лоши практики, пак газиме врз тоа што нѐ одржува во живот, пак има обиди за чествување погрешни вредности, ликови, постапки.
Нам навистина, прво ни е потребна револуција на умот. Ментално освестување што ќе нѐ спречи да не удриме на дното. Нема да се поместиме на следно ниво, ниту да направиме некое револуционерно движење сѐ додека (р)еволуцијата не се случи внатре, во нас. Не може да има (р)еволуција од големи и видливи размери додека не дојде до лична револуција, на индивидуално ниво. Таа е во вашиот дух, или воопшто ја нема.
Неделава е Недела на модната револуција. Веќе неколку години се одбележува кај нас. Модната индустрија е втора економска гранка во светот и еден од главните виновници за загрозувањето на животната средина. Податок со кој речиси воопшто не сме запознаени, освестени, едуцирани. Загадувањето и штетите од модната индустрија почнуваат од креирањето едно парче, материјалот што се користи, бојадисувањето, потрошената вода, до крајниот потрошувач.
„Фешн револушн Македонија“ е разгранок од глобалното движење „Фешн револушн“, кое се залага за модна индустрија што еднакво ги вреднува човечкиот капитал, животната средина, креативноста и профитот. Секоја година става акцент на сите важни алки од одржливата мода и циркуларноста, односно продолжување на „векот на траење“ преку пренамена, поправка и адаптибилност на производот. Како и човечката експлоатација и деградацијата на екосистемот, донирање облека, актуализирање на сертификатите и декларациите на текстилот што се продава во земјава…
Тука како најголема грешка за нас како потрошувачи е брзата мода (која се дефинира како евтина, тренди-облека), која голем дел од нашето население ја практикува, односно се купува често, по ниска цена. Коja подоцна завршува на депониите, каде што на парчињата изработени со полиестер им се потребни од 20 до 200 години да се разградат (само за споредба, маичка направена од 100 отсто памук се распаѓа во рок од неколку месеци).

Брзата мода произведува огромни количества отпад. Настрана фактот што има разорувачко влијание врз животната средина и биодиверзитетот. А и воопшто не ги почитува трудот и енергијата на оној што се вложил во нејзиното создавање.
Дека сме страсни „загадувачи“ говори фактот што на секоја „пролетна чистка“ по трговските центри и „неверојатниот попуст“ во бутиците се создава шопинг-треска, со тоа дополнително се трупа отпад. Секоја година се произведуваат 100 милијарди парчиња облека. Последните статистики велат дека над 100 милиони артикли годишно се продаваат на планетава. Облеката ја фрламе многу побрзо од порано. Ова е опасната зависност од брзата мода.
Околу 40 отсто од купените алишта ретко или никогаш не се носат. Некои истражувања и статистики откриваат дека 9,9 милиони парчиња купени за свадби се облечени само еднаш… Просечно денес луѓето купуваат 60 отсто повеќе облека отколку пред 15 години, но ја чуваат двапати пократко. Бројките се поразителни.
Загаденоста добива црвено светло и од компаниите или конфекциите, кои исто така не работат по екостандарди и продуцираат огромна текстилна штета.
Модната револуција е поттикната од Бангладеш, една од најевтините земји за производство на облека, заедно со Виетнам и Индија. Во „Рана плаза билдинг“ во Дака, Бангладеш, на 24 април 2013 година се случи трагедија, една од зградите се урна, загинаа 1.138 работници и многу беа повредени. Оваа трагедија ги откри нехуманите услови во кои работат овие луѓе, па оттогаш секоја година 24 април го актуализира прашањето кој ја изработи облеката што ја носам и во какви услови. А запознаени сме дека и кај нас во текстилната индустрија состојбата не е розова, од услови, до права, до плати…

Па оттука движењето бара транспарентност од брендовите, барајќи подобри работни услови, одговорност за животната средина и револуција во модната индустрија.
Постојано се наоѓаат солуции за намалување на штетите и влијанието на текстилната индустрија врз животната средина. Уште во 2007 година во Европската Унија надлежните побараа производителите и увозниците на текстил и облека воопшто да ги идентификуваат и квантифицираат хемикалиите што се користат во нивните производи. Низ европските земји се во подем брендови и продавници што пропагираат изнајмување облека, продавниците со облека за втора употреба се сѐ поприсутни. Главната одговорност на модните компании е да се фокусираат главно на создавање мода што е со висок квалитет и безвременски дизајн, со сертификати и етикети што ја штитат животната средина.
Целта на одржливата мода е да се продолжи животниот циклус на материјалите, да се зголеми вредноста на безвременските облеки, да се намали количеството отпад и да се намали штетата врз животната средина. Исто така целта е и да се едуцираат луѓето да практикуваат еколошка потрошувачка. Свесно или несвесно сите придонесуваме модата да биде втор најголем загадувач. Затоа и најмалите промени од секој поединец се значајни во коригирање на овој податок.
Во Македонија текстилниот отпад не се селектира. Така што спиралата на прекумерна потрошувачка можеме да ја прекинеме ако ги преиспитаме нашите односи со облеката што веќе ја поседуваме.
Околу 95 отсто од фрлената облека може да биде реупотребена или рециклирана. Стариот капут да се преобликува во нов. Или старовремскиот фустан да добие комплетно модерна нота.

Едукацијата и издигањето на свеста кај крајниот потрошувач може да ја промени играта. Зборувањето за одржливост е првиот чекор за издигнување на свеста, преку инспирација и мотивација на луѓето за промена.
Заедно можеме да го намалиме товарот на модната индустрија врз планетата.
Во борбата за посветла иднина треба да сме активни сите. Сосема на крајот и за една друг појава што нема многу допирни точки со модата, но има со револуцијата, односно еволуцијата на умот.
За модата велат дека е тешко да се биде модерен бидејќи секогаш постои ризик да излезете од мода и да ве отфрлат настрана. Во модата, сепак, има трендови и стилови што се враќаат на сцена. Но кога во високата политика имате обиди некои застарени и отфрлени ретроградни појави да ви се вратат на отворена сцена и притоа да шират и пропагираат фашизам и тоа да доаѓа од Бугарија како земја-членка на Европската Унија, тогаш навистина нешто не е во ред со општеството во целина. Тогаш е навистина време за освестување, отрезнување и брза реакција. Враќањето во мода на ликови како Ванчо Михајлов и со тоа повампирување на фашизмот, тренд што сега доаѓа од Бугарија, а со тоа и во самата ЕУ е аларм за преземање итни мерки и негово сосечување во корен.