Како Македонија ја изгуби својата зеница

Ние, Македонците, сме пример за скоковита култура, за феникс-култура што воскреснува и по најголеми пеплосувања, култура на светлината, и кој нема зеница – не го гледа тоа, зашто е слеп. Македонија била европска пред да се родат и Бранко Црвенковски, и Љубчо Георгиевски, и Никола Груевски, и Зоран Заев, и Димитар Ковачевски, и СДСМ и ВМРО денешна

Еве нов серијал, драги мои. За многумина ќе биде чуден, но јас чувствувам силна потреба токму ова да го понудам како тип колумна и токму во ова време. Доста беше од КОЛумни, во кои некои се правеа умни набивајќи други луѓе на КОЛ. Време е за КолУМНИ, односно за КОЛичество УМНИ работи што секој Македонец, и етнички, но и секој Македонец државјанин на сегашна, моментно наречена Северна Македонија, треба да ги знае и никогаш да не ги заборави. Затоа и го зајмам наднасловот од една книга на генијот Гане Тодоровски, кој имав среќа да ми биде и учител и современик во книжевноста.
Какви сигнали сакам да пратам до оние што доаѓаат, а не ги знаат вредностите на вчерашниот, сега веќе погребан свет? Сакам да потсетам на најважните вредности на македонскиот културен идентитет од нашето средновековие, преку деветнаесеттиот до дваесет и првиот век. Ќе приспособам веќе постоен текст од една важна книга, која одеднаш остана без своја тема, без свое време (остана буквално надвор од времето, како да нема историска гравитација). Како некоја живописна стара клисура што останува на суво, кога на нејзината река ќе ѝ го сменат природното течение поради изградба на современа хидроцентрала. Станува збор за книгата „Зеницата на Македонија“, со поднаслов „Биографија на македонската светлина“, која ја напишавме писателот Глигор Стојковски и јас и, како целосно приватен проект, ја објавивме во 2007 година.
Со помош на спонзори и со заеми, ја отпечативме оваа двојазична (македонско-англиска) луксузна колор-монографија и решивме да им ја понудиме на најрепрезентативните луѓе во државата. И стана бум: се покажа дека Македонија нема монографија достојна за својата историја, култура и идентитет (со исклучок на една многу убава претходна монографија од Ферид Мухиќ, издадена во „Табернакул“, која, за жал, помина без посебно државно внимание). Првото издание од „Зеницата“ го разграбаа бизнисмени, политичари, министри, Владата, локални функционери: сите сакаа да им подарат „на странците“ нешто „ексклузивно, а да не биде само вино“ (цитирам еден политички големец). Книгата ја купуваа и од ВМРО и од СДСМ, а добар дел ни откупи и тогашниот градоначалник на Струмица, господинот Зоран Заев. Само него го споменувам по име, за да се знае дека „Зеницата на Македонија“ тогаш и нему му беше нешто драгоцено. Тоа тогаш не беше забранет наслов за книга.

Монографијата доживеа две изданија и сигурен сум дека многумина европски и американски пратеници, комесари, медијатори, некогашни амбасадори во таа Македонија ја имаат уште во своите библиотеки, и покрај тоа што денес насловот звучи апокрифно по однос на Преспанскиот договор и најновите државни инсигнии. Тоа е иронија: одеднаш, една книга, од Свето евангелие стана апокриф, еретичко четиво; една „биографија на светлината“ (а светлината во книгата е само култура), стана цензурирана археологија на светлината. Сегашна Македонија ја изгуби својата Зеница. Изгледа не ја ни заслужувала.
Како може една книга од реално историско време да попадне некаде каде што низ неа веќе не тече време? Зар е моќта на политиката ДЕНЕС таква, да фрла од битие во небитие и од небитие во битие? Оваа книга постои, ене ја на полицата, а не важи. Како е можно тоа? Па, можно е, кога на чело на народите и државите доаѓаат луѓе што кон сопствената историја се однесуваат како паланечка домаќинка што се преселила во град, па купува нов мебел, а стариот го фрла, зашто се брендирала како „градска госпожа“. И ништо друго, никаква политичка идеја не е во прашање: ни демократија, ни ЕУ, ни НАТО ни бакрачи, никаква идеологија, освен филозофија на паланката. Фетиш-материјализам.
Како и да е, книгата не стигна до пошироката читателска публика: цената ѝ беше премногу висока. И затоа сега гледам можност барем фрагменти од неа да стигнат до обичниот човек; добро е да не се заборави за која Македонија сме пишувале книга. За онаа што ОТСЕКОГАШ, иако била на работ од сиромаштијата, била во врвот на нематеријалните, духовни цивилизациски вредности. На пример: кога кон крајот на 1903 година браќата Рајт го изведуваат својот славен прв авионски лет во Кити Хоук, Северна Каролина, ние сме во крв до колена од Илинденското востание. Пред тоа, во 1893 година, цивилизирана Европа воведува гумени пневматици за своите парни и бензински автомобили, а ние допрва го создаваме ВМРО, за да се крене Илинден. Истата таа 1903 година, кога сме во крв и кал, Фердинанд де Сосир во својот спокоен кабинет во Женева ги подготвува своите прочуени лингвистички предавања, основа на европската лингвистика. Но, чудо! Во истата година, година на македонска крв и смрт, се јавува светата книга на македонскиот идентитет: „За македонцките работи“.

Во неа Мисирков, освен што говори за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, 31 година пред Карл Билер дава јасен сигнал дека знае за онаа функција на јазикот што Билер ја именуваше како „апелативна“, а Јакобсон уште 30 години подоцна како „конативна“. Тоа е она последно, трето делче од прочуената дефиниција на јазикот кај Мисирков: „Јазикот јет средство со које није познааме шчо мислит, шчо осеќат и шчо сакат нашијот собеседник“. Тоа „шчо сакат нашијот собеседник“ е најава на прагматската лингвистика на Џон Серл, за коj Мисирков не можел да знае, зашто Серл се јавува со култната книга „Говорни чинови“ цели 68 години по нашиот, македонски Сосир. Или ова: само две години (1905) по крвта во која се удави Крушевската Република, една камера, марка „бисокоп 300“, е купена од Македонецот Јанаки Манаки во Лондон и донесена во Македонија. Подарена му е на братот Милтон Манаки, и тоа само десет години по откритието на браќата Лимиер. И снимени се „Предачки“ и „Училиштен час на отворено“ (1905), дури шест години пред првиот српски филм (1911). Или: иако кодификацијата на македонскиот литературен јазик доцни зад (на пример) хрватскиот цели 115 години, а нашиот театар доцни по однос на хрватскиот 105 години, иако првиот македонски роман е објавен дури во 1952 година (100-200 години задоцнување зад другите регуларни книжевности), сепак, тој наш роман и тој наш театар за само 40-50 години развој минаа низ романтизам (во вид на соцреализам), реализам, модернизам, постмодерна, нешто за што на регуларните книжевности им се потребни 150-200 години. Ние, Македонците, сме пример за скоковита култура, за феникс-култура што воскреснува и по најголеми пеплосувања, култура на светлината, и кој нема зеница – не го гледа тоа, зашто е слеп. Македонија била европска пред да се родат и Бранко Црвенковски, и Љубчо Георгиевски, и Никола Груевски, и Зоран Заев, и Димитар Ковачевски, и СДСМ и ВМРО денешна. А знаете ли дека авангардната визуелна поезија на Европа, која се јави во XX век, сме ја имале во Македонија во средниот век? Повелете, читајте. Следниот вторник.

(продолжува)