Откако и денеска продолжи штрајкот, а најави за преговори нема, се погласни се реакциите на родителите на социјалните мрежи
Неизвесноста околу договор меѓу Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Владата за платата на вработените во училиштата и градинките ги стави родителите на средина.
Од една страна тие се солидаризираат со наставниците. Од друга страна, пак, многумина ги притиска неможноста децата да останат дома поради тоа што нема кој да ги чува, а исплашени се и како ќе се надокнади испуштениот материјал.
Откако и денеска продолжи штрајкот, а најави за преговори нема, се погласни се реакциите на родителите на социјалните мрежи. Бараат разбирање, бидејќи нивните деца не можат долго да останат без настава.
Марија К., мајка на првоодделенец вели дека треба да се иницираат разговори со директорот на училиштето, за да се прецизира дали ќе се ангажираат заменски наставници. Децата на многумина нема кој да им ги чува, а новата програма, како што објаснува, за прво одделение е набиена, треба секој ден да се работи со децата дома, а со губењето на часови се се комплицира.
– Треба да не разберат и нас родителите. Не ни е лесно снаоѓањето со работа и дете чување. Не знеме ни што да планираме. Ова изгледа ќе трае подолго време, а нема ни изгледи за брзо решение. Секако поддршка за наставниците давам без резерва. Сепак, правата се значајни и соодветно е да ги бараат. Но дајте да се најде решение и за децата – вели таа.
Друг родител, пак, коментира дека веќе две години наставниците тераат збиена агенда во презентирање на наставниот материјал.
– Децата не може и не треба да трпат последици. Треба да си ја обработите платата, како што тоа го прават сите во приватниот сектор, а не на грбот на децата – додава тој.
Многу родители коментираат на социјалните мрежи дека ако поради штрајкот се продолжи училишната година и после 10 јуни, нема да ги пуштат децата на училиште.
– Нека се борат сите за повисока плата, но не сакам последиците од ова натегање меѓу СОНК и Владата да ги трпи моето дете. Ни во сабота, ни по 10 јуни не пуштам дете во школо – пишува С.М..
Елена Т. вели дека цената од штрајкот ја плаќаат децата и родителите. Остро им обрати на двете страни што преговараат.
– Сите Вие што седите во вашите удобни фотељи баш и ништо не плаќате. Седите, се натегате и чекате да добиете. Што плативте неделава? Јадење? Дадилки? Дневници на родителите? Ама баш ништо не губите, а целата состојба може да трае и цел месец – посочи таа.
Мајка на социјалните мрежи напиша дека ако сакаш да уништиш еден народ одземи му го образованието.
-Се е по грбот на нашите деца. Ни криви, ни должни се остваруваат цели на нивна сметка. Има начини да се постигне саканата цел, но не знам дали некој ќе сноси одговорност за траумите на дечињата започнувајки од градинките па натаму и дали секој што работи таму е за просветен работник. Не е само да бараш, треба и да дадеш, да вложиш труд, емпатија, човечност, совест. Во овие моменти се виде јасната слика кој е за децата, а кој е само за личен интерес. Ден да мине, друг да дојде. Срамота што секогаш се децата на мета. Платите ќе се покачат, ќе помине штрајкот, ќе се најде решение, но што останува понатаму во очите на детето и на родителите – додаде таа.
Од друга страна, пак, вработените во градинките и училиштата реагираат на вакви коментари.
-Зарем заслуживме ваков однос од родителите. Не ми се отвора ни да ги читам коментарите. Години наназад посветено работам со децата и не гледам зошто не можат да разберат дека го бараме само она што ни следува. До кога ќе не потценуваат? – пишува наставничка.
Советот на СОНК вчера одлучи да не го прифати усниот предлог на Владата за 10 проценти покачување на платите со кој би се прекинал штрајкот почнат на 11 април.
– Зголемувањето на платите од 10 проценти во детска заштита, основно и средно образование воопшто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата – рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Штрајкот продолжува, СОНК не ја прифаќа понудата за зголемување на платите за 10 отсто
Според него, учениците нема да бидат скратени од понудата и можност да надоместат за тоа што сега го имаат изгубено.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, одлуката на СОНК да ја одбие понудата за покачување на платите во образованието и предучилишното згрижување го оценува како ненадоместлива штета во образованието на учениците и отежнување на секојдневието на родителите. Владата објави и дека штрајкувачите нема да добијат плата за времето кога штрајкуваат, туку дека ќе им бидат исплатени само придонеси.
Влада: Одбиената понуда за 2.500 денари значи дека СОНК ги става личните интереси пред децата