Бале Мустафоски од Кичево засекогаш ќе го памети 6 август, кога во таа топла летна ноќ огнената стихија му однесе се што создавал повеќе од пет децении и денес по речиси месец и половина од тој настан, работите сеуште не се поместени од мртва точка, бидејќи и покрај најавите за помош од повеќе страни засега нема ништо, а тој привремено се сместил во шупата што се наоѓа во неговиот двор, додека синот и снаата со трите малолетни деца сеуште престојуваат кај неговата сестра.
При секој разговор Бале се навраќа на кобниот 6 август, денот кој го оставил без покрив на главата и без целата покуќнина.
-Ништо во тоа понеделнично предвечерје не навестуваше дека претстојната ноќ ќе ни го донесе најголемиот кошмар во животот. Си легнавме околу 22 часот и околу 2 часот по полноќ ме пробуди силно тропање на вратата. Сеуште не расонет ја отворив вратата и го видов најстариот внук уплашен и вознемирен со продорен глас ми вели дека одма треба да ја напуштиме куќата бидејќи гори целиот покрив. И сите за час го напуштивме домот, а огнот со огромна брзина се ширеше по целиот објект и огнените јазици ја зафатија и внатрешноста на просториите. Бидејќи беше мрачно а ние сеуште во шок, не успеавме речиси ништо да спасиме, освен што спасивме живи глави. И сега си мислам добро е што така заврши што сите сме живи и здрави, бидејќи ако не нѐ пробудеше внукот кој во тоа време седел пред компјутер се можеше да ни се случи – вели несреќниот Бале, кој се надева дека добрите луѓе и институциите ќе помогнат уште пред доаѓањето на зимата да оспособи барем дел од опожарената куќа и потоа малку по малку да собира покуќнина и предмети кои се неопходни во секојдневната живеачка.
-Од она што ми беше ветено како помош засега единствено од Црвениот крст добив шест душеци и десет ќебиња, додека од Центарот за социјална работа сеуште ја чекам ветената помош од 24 000 денари. Од општината ми најавија помош во градежни материјали која сеуште ја чекам да пристигне и според нивните зборови ќе биде испорачана откако советот ќе ја одржи првата наредна седница. Навистина незнам како сево ова ќе заврши. Времето безмилосно тече, се приближува зимата и тоа може да ни донесе нови неприлики. Апелирам до граѓаните кои имаат можност да ми помогнат нека го направат тоа, бидејќи неопходно ни се потребни кревети, мебел и сите предмети неопходни во домаќинството, а кои моментално ги немаме-апелира Бале Мустафоски, кој во куќата живееше со неговата сопруга, синот и неговото петчлено семејство и каде никој постојано не вработен.
Самите тие се немоќни нешто да превземат и да ги променат состојбите, а нарушеното здравје на Мустафоски уште помалку му го дозволува тоа.