Франција денеска соопшти дека нејзината амбасада во Украина ќе се врати во главниот град Киев од западниот град Лавов, каде што беше преместена на почетокот на март по руската инвазија.
-Ова преместување ќе се случи многу наскоро и ќе и овозможи на Франција дополнително да ја продлабочи својата поддршка за Украина во сите области со цел да се спротивстави на војната што ја започна Русија на 24 февруари – се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан го соопшти ова за време на телефонскиот разговор со неговиот украински колега Дмитро Кулеба.
Официјален Париз продолжува да ги советува своите граѓани да не се враќаат во Украина, вклучително и во Киев.
Франција ја поддржува Украина преку воена опрема, хуманитарна помош и помош во истрагата за злоупотребите, наводно, извршени од руските сили врз украинските цивили.
Француската влада додели 100 милиони евра хуманитарна помош за Украина и соседните земји, вклучувајќи ги Полска и Молдавија, кои примија многу украински бегалци.