Фото: Зоран Антоски

Денес во Кичево се одржа трибина на тема „Вовед во човекови права и правна заштита од дискриминација“ спроведена од Сенада Сали, добитничка на наградата за младинско учество што ја доделува Проектот за УСАИД за граѓанско право.

Оваа работилница е една од трите што се спроведуваа во земјава, откако претходно исти такви беа спроведени во Скопје и Битола. На трибината зедоа учество поголем број на млади роми и ромки од градот на возраст од 15 до 25 години.

-Денес сме во Кичево каде што за прв пат организираме работилница со младите од ромска припадност на возраст од 15 до 25-годишна возраст, со цел зголемување на нивните знаења во однос на пристапот до човековите права. Се работи за проект кој е заснован врз волонтерска работа. Оваа е последната работилница, откако претходно се веќе завршени работилниците во Скопје на 15 септември и во Битола на 22 септември и третата денес во Кичево. Со оваа работилница доволно е да се подигне свеста, самите тие да истражуваат, бидејќи во еден ден не е возможно во целост да научат за оваа проблематика – рече меѓу другото Сенада Сали, правник во Европскиот центар за правата на ромите во Будимпешта.

Покрај излагањето на претставникот на Европскиот центар за правата на ромите, со свои размислувања и предлози излегоа и учесниците на оваа трибина, а следуваа и прашања на тема на дискриминација на ромите од секаков вид што се случува во земјава.

Модераторот на оваа работилница Емин Мамудоски од НВО „Преродба“ истакна, дека преку оваа и другите работилници што ќе следуваат во текот на есента, „ќе се погрижиме да се зголеми свеста на ромската популација за нивните права и на кои сегменти треба да се работи за и тие да бидат порамноправни граѓани на оваа заедница, која цели кон Европската унија и НАТО“.

З.А.