Би сакале да го ослободите телото од насобраните токсини, но не сте сигурни што ќе биде подобро за вас – детоксикација или пост? Детоксикација е елиминација на токсините (отровите) од телото со помош на специјално смислени менија, здрави пијалаци и природни производи за чистење на организмот. За разлика од детоксикацијата, која вклучува и консумирање храна, постот е привремено делумно или комплетно исфрлање одреден вид храна од исхраната. Постот може да биде и само пиење вода, без внесување хранливи материи или пиење само свежо исцедени сокови од зеленчук и овошје, за организмот да се исчисти од токсините што сме ги внеле во организмот на разни начини. И едниот и другиот начин имаат свои добри страни.
Придобивки од детоксикацијата
Иако не можеме да ги промениме воздухот што го дишеме и светот околу нас што е заситен со токсини, можеме барем да одбереме здрава храна и еколошки чиста околина. Така значително ќе се намали изложеноста на нашиот организам на штетни материи и отрови. Исто така, постојат и нешта, најчесто растенија, што ни ги дала природата, а кои извонредно го чистат организмот. Од некои се користи плодот, од други лисјата, од трети коренот… Такви „чистачи“ се: лимонот, портокалот, цитронот, листовите од глуварче, лукот, разни видови салати, зелениот листен зеленчук, како што се кељ, зелка и марула, гравот и други. Некои од придобивките од детоксикацијата се:
1. Ги подобрува работата на органите и крвната слика – токсините најмногу се таложат во главните органи на телото, како што се црниот дроб и абдоминалните (стомачни) органи, па затоа тие имаат најмногу корист од детоксикацијата, односно таа ја подобрува нивната функција. Ако спроведете детоксикација, на пример, вашите надбубрежни жлезди нема да бидат оптоварени и ќе функционираат подобро и вашиот организам полесно ќе се справи со секојдневните стресни ситуации. Детоксикацијата ќе ви ја подобри и циркулацијата на крвта, ќе го намали крвниот притисок, ќе го намали и нивото на холестерол во крвта и ќе го поттикне варењето на храната.
2. Го зајакнува имунолошкиот систем и штити од болести – со квалитетна детоксикација, уште повеќе ќе се ослабне влијанието на слободните радикали и ќе се зајакне одбраната на вашиот организам. Таа ќе ви овозможи долгорочна заштита од рак и други тешки сериозни болести. Притоа, важно е да се напомене дека детоксикацијата може и треба да ја спроведувате многу подолго од постот. Долготрајната детоксикација подразбира долготрајна промена во исхраната и претставува еден вид превентива.
3. Енергизирање на телото – токсините присутни во вашето тело го исцрпуваат организмот, при што чувствувате тежината, сонливост, безволност. По детоксикација се чувствувате лесно, полни со енергија, ослободени од хроничниот замор. Покрај тоа, многу подобро ќе паметите и полесно ќе се концентрирате.
4. Длабински го чисти телото – здрав човек што навистина внимава во изборот на храната, успева да исфрли повеќе токсини отколку што наталожува во телото. Детоксикацијата му помага на телото да се ослободи од секаков вишок на отпад.
5. Поттикнува на воведување позитивни навики и начин на живот – кога еднаш ќе направите детоксикација на организмот, повеќе нема да сакате да се откажете од постигнато физичко и ментално здравје, па, така, во вас ќе се појави потреба за трајна промена на стилот и начинот на живеење.
Придобивките од постот
Постот ви овозможува одмор не само на вашиот дигестивен систем таку и на целото ваше тело. Придонесува за ментално зајакнување, а не треба да се поистоветува со изгладнување. Постот бара дисциплина и секогаш се спроведува со одредена цел: прочистување на организмот или оздравување од некоја болест. Постот можете да го практикувате неколкупати во годината, најдобро за време на викендите или за време на промената на годишните доба. Постот, за разлика од детоксикацијата, е потежок за издржување и потребна е силна мотивација за да опстоите. Некои придобивки од постот:
1. Ги намалува инфекциите и воспалителните процеси – микробите во телото главно се хранат со шеќер. Со постот ќе им ја скратите храната на предизвикувачите на инфекции во вашето тело, без разлика дали станува збор за вируси, бактерии, габи или паразити.
2. Придонесува за губење на тежината и го чува здравјето на цревата – постот помага во губење на тежината и поттикнува согорувањето на масните клетки во телото подобро од диетата. Во текот на постот организмот, наместо да користи шеќер за производство на енергија, ги користи тие маснотии. Постот им овозможува на вашите црева здивнување и одмор од преработката на храната, придонесува за нивното здравје и го забрзува метаболизмот.
3. Ги елиминира токсините од организмот – постот што вклучува свежо исцедени сокови ефикасно ќе ги мие токсините од телото. Ако за време на постот земате и одредени билни чаеви, неговата ефикасност ќе биде максимална.
4. Придонесува за долговечност и ја подобрува работата на мозокот – истражувањата покажале дека луѓето што јадат помалку живеат подолго. Ако секоја недела постите барем еден ден, ги зајакнувате вашите ментални способности и придонесувате за да имате подобро здравје.