Унгарија може да го плаќа рускиот гас без да ги наруши санкциите на Европската Унија против Русија, порача унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто преку Фејсбук, како одговор на предупредувањето на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.
Претходно неделава, унгарскиот премиер Виктор Орбан истакна дека Унгарија е подготвена да го плаќа рускиот гас во рубљи, ако биде потребно, а Фон дер Лејен предупреди дека таквиот потег на Унгарија би ги прекршил санкциите кон Москва поради воените дејствија во Украина.
– Орбан се поставува како најголемата пречка за засилување на санкциите кон високо профитабилниот енергетски сектор што ја финасира воената машинерија на Владимир Путин – наведува „Политико“.
Според Орбан и неговата власт, важноста на енергетските санкции налага за нив да дискутираат лидерите на државите од ЕУ, наместо нивните претставници во Брисел. Орбан, наводно, нагласил дека ќе ги блокира санкциите врз руската нафта и гас, предупредувајќи оти тоа би била „црвена линија“, бидејќи прекинот на увоз на руските енергенси би ја „убил Унгарија“, според сознанијата на „Политико“.
Мнозинството претставници на ЕУ во четвртокот побараа целосно ембарго за руската нафта, гас и јаглен, но постои и одредено разбирање за унгарската зависност од рускиот гас, според дипломат на ЕУ.
– Прашањето во следните неколку недели ќе биде, која нијанса на црвена е црвената линија на Орбан – посочи дипломатот во изјава за „Политико“.
Поттикнат од неговата неодамнешна изборна победа, унгарскиот премиер ги зголеми влоговите во бројните несогласувања со ЕУ – од либералните демократски права до врските со Русија, а се проценува дека Брисел би можел да пристапи со оневозможување на пристапот на Унгарија до европските фондови, доколку Орбан продолжи да се спротивставува на политиките на европскиот блок, според „Ројтерс“.