Пациенти со рак на дојка, излекувани од оваа болест и граѓани поддржувачи вчера десетти пат во Градскиот парк во Скопје учествуваа во традиционалната прошетка „Напред розово“ за издигање на свеста во борбата против ракот на дојка во Македонија. Организатори на настанот беа здружението „Борка – За секој нов ден“ и Амбасадата на САД во Македонија.
Mинистерот за здравство, Венко Филипче, пред почетокот на манифестацијата, порача дека раната детекција и скринингот може да доведат до целосно излекување на ова сериозно малигно заболување од кое страдаат многу жени.
– Во Министерството за здравство сме целосно посветени на спроведување на превентивната програма, на подобрување на системот за закажување снимање за овие пациенти и напорно работиме на формирање на комисијата за позитивна листа на лекови – рече Филипче.
Во однос на забелешките на пациентите за „Мој термин“, министерот Филипче, рече дека имале работни состаноци и дале забелешки, што веќе се имплементирани во конкретни мерки со кои е зголемен бројот на термини во клиниките и во Клиниката за радиологија, со што времето на чекање значајно ќе се намали, додека пациентите со малигни заболувања ќе имаат посебна форма на приоритет во закажување на снимањата. Министерката за труд и социјална политика, Мила Цароска, посочи дека е важно сите жени да застанат навремено во превенција на оваа болест и да си дадеме поддршка едни на други.
– Сите жени што во моментов не направиле преглед денеска треба да се потсетат дека треба да го направат и да го превенираме она што понатаму би требало да се лекува. Само со подигање на јавната свест можеме да спречиме многу жртви од оваа болест – рече Цароска.
Aмериканскиот амбасадор Џес Бејли, вчера истакна дека со денешната прошетка луѓето од Скопје им се придружуваат на стотици илјадници луѓе од целиот свет во прошетката против ракот на дојка, за издигање на свеста и потребните средства за превенција, истражување и поддршка на жените.
– Сите ние сме погодени од ракот на дојката и сите ние можеме да помогнеме во издигање на свеста и превенцијата – порача Бејли.
Инаку „Напред розово“ е уникатен настан што ги обединува сите што ја преживеале болеста, нивните пријатели, како и сите граѓани на Македонија. Со „Напред розово“ веќе десет години здружението „Борка“ и Македонија се дел од големото светско семејство на борци против ракот на дојка. На настанот им беа врачени „медал на честа“ на 10-те жени и мажи, кои се избориле со рак на дојка за нивната посветеност во кампањата „Напред розово“. Претходно групата „Трка за надеж“ учествуваше на Скопскиот маратон во трчање