Откако ќе дипломираат, не можат лесно да се вработат, недоволно се почитува Законот за македонски јазик, па лектори нема вработено ниту во државни институции, некои од дипломираните немаат право да полагаат лекторски испит… Ова се само некои од причините поради кои на повеќе матуранти не им се доволно привлечни студиите по македонистика. Катедрите презедоа мерки да се подобрат слабите бројки од пред неколку години, но сѐ уште не се доволно големи, како пред една деценија на пример
Зошто студиите по македонски јазик и книжевност почнаа да стануваат привлечни за младите
Македонскиот јазик и книжевност се македонски национален интерес и треба темелно да се изучуваат. Бројот на студенти што ги интересира македонистиката се зголемува, но треба уште да расте. Македонистите се категорични дека и државата треба да се погрижи за студиите по македонски јазик и книжевност да го добијат местото што го заслужуваат. Тоа, пак, значи и слоевито решавање на проблемите поврзани со нив.
Откако ќе дипломираат, не можат лесно да се вработат, недоволно се почитува Законот за македонски јазик, па лектори нема вработено ниту во државни институции, некои од дипломираните немаат право да полагаат лекторски испити… Ова се само дел од причините поради кои на повеќе матуранти не им се доволно привлечни студиите по македонистика. Катедрите презедоа мерки да се подобрат слабите бројки од пред неколку години, но сѐ уште не се доволно големи, како пред една деценија на пример.
Македонистика кај нас се студира на четири универзитети – на „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), каде што е и најстарата катедра, на „Гоце Делчев“ во Штип, на Државниот универзитет во Тетово и на „Климент Охридски“ во Битола (УКЛО). За состојбите разговаравме со претставници од сите универзитети.
Ограничен број работни места
Годинава на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје при УКИМ се запишале 22 студента да го изучуваат македонскиот јазик, а 13 книжевноста. Иако оваа бројка е значително поголема во однос на минатaта година, кога само 14 студенти се запишале на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, додека на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности само пет студенти, бројот на заинтересирани студенти е мал.
Проблемот е комплексен, а меѓу факторите, според професорите, се вбројува и тоа што во последните години се отворија катедри за изучување на јазикот на повеќе универзитети, со што пазарот се презасити, а невработеноста на овие кадри се зголеми.
– На Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици објавуваме конкурс за запишување на 40 студенти во државната квота, 30 студенти со партиципација и 10 вонредни студенти, што значи можеме да запишеме 80 студенти. За жал, овој број одамна не е пополнет. Во изминатите години запишуваме само по петнаесетина студенти. Големите бројки студенти што сме ги имале пред 20-30 години, на пример, сега се распрснати меѓу различните универзитети низ државава што нудат студиска програма Македонски јазик. Така, намалениот број првенствено се должи на отворањето голем број факултети на коишто исто така може да се студира македонски јазик. Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на УКИМ е најстара, постои веќе 75 години, и е со највисоко реноме, но македонски јазик може да се студира и на универзитетите во Штип, во Тетово и во Битола – смета проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Како проблем таа го лоцира и ограничениот број работни места.
– Дипломираниот кадар од нашата Катедра шанса за вработување, главно, гледа во образованието – како наставници, професори по македонски јазик во основните и во средните училишта. Но треба да се има предвид дека дипломираните професори по македонски јазик имаат единствена можност да полагаат испит за добивање лиценца за лектор и потоа да работат и како лектори – додава проф. д-р Пановска-Димкова.
Помалку матуранти и немање стратегија за македонистиката – ни треба силна визија
Проф. д-р Кристина Николовска, раководителка на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на „Блаже Конески“, дел од проблемот лоцира и во немањето стратегија за македонистиката на највисоките државни инстанци.
– Следна причина за намалениот интерес се нисковреднуваниот труд и девалвацијата на наставниот кадар во основното, средното и високото образование. Наставниот кадар е столб на образовниот процес и треба да биде соодветно вреднуван, мотивиран и поддржан. Без него нема поширок општествен напредок. Потоа, следен проблем е немањето стратегија за македонистиката од страна на највисоките државни инстанци. Потребна е визија со јасно поставени цели, преку конкретни проекти, со кои македонистиката би имала подем, афирмација и нов квалитет. Следен проблем е намалениот број на матуранти, кој секоја година се намалува бидејќи младите масовно бараат перспективи надвор од нашата земја – вели Николовска.
Се бараат стипендии, вработување лектори и можност за лекторски испит
Според Пановска-Димкова, за да се зголеми интересот за студирање македонски јазик кај младите, треба да помогне и државата со воведување стипендии за студирање македонски јазик или со вработување лектори во јавните институции, нешто што беше најавувано и со новиот предлог-закон за употреба на македонскиот јазик.
За студентите, пак, што студираат македонска книжевност и јужнословенски книжевности, голема пречка е што им е ускратена можноста да полагаат испит за добивање лиценца за лектор по македонски јазик.
– Ние институционално го отворивме ова прашање, но наедно апелираме до Советот за македонски јазик повторно да им овозможи право на полагање лекторски испит и на дипломираните студенти од нашата катедра. Тоа е исклучително важно, бидејќи треба да се развива и книжевната лектура, која ја има најмногу во издавачката дејност, но и пошироко. Според законот, лектори треба да бидат вработени во сите институции, но, за жал, во практика не е така. Воопшто, лекторската дејност е неопходна и во сите институции, но и во медиумите, маркетингот, во односите со јавност, а сè повеќе има потреба од лектура и на интернет-порталите, во електронското издаваштво итн. Тоа се важни перспективи за лекторите македонисти, но, всушност, се суштинско и квалитетно зачувување, негување и растење на јазикот како процес, како потенцијал и како есенција на македонскиот културен ентитет и идентитет – вели Николовска.
Откако минатата година увиделе дека бројот на запишани студенти е многу мал, тие веднаш реагирале до Министерството за образование и наука и побарале стипендии.
– Неопходно е веднаш да се воведат стипендии за студирање македонска книжевност и македонски јазик од Министерството за образование и наука, и тоа на сите три циклуси на студирање, особено на третиот, кој е исклучително скап. Освен тоа, на македонистиката ѝ треба подмладок, нови конкурси за вработување асистенти – вели проф. д-р Николовска.
За да ја афирмира македонистиката и да привлече повеќе млади македонисти, минатата година Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности имала онлајн претставување во единаесет гимназии и средни училишта, што резултирало со зголемен интерес во прва година. Работеле и на редизајнирање и усовршување на студиските и предметните програми.
Без партиципација за прва година во Штип
На Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, на Катедрата за македонски јазик и книжевност, во учебната 2019/2020 година се запишале само четири студенти. Следната учебна година оваа бројка се зголемила на 11 студенти, додека во 2021/2022 се запишале 12 редовни студенти.
Доц. д-р Ана Витанова-Рингачева, раководителка на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при УГД, зголемениот број студенти го припишува на преземените активности, особено во делот со стипендирањето на студентите.
– Стипендирањето има извршено влијание средношколците да го продолжат своето образование на еден од наставничките факултети, во овој случај тоа се Филолошкиот факултет и групата по Македонски јазик и книжевност. Погрешно е мислењето дека ваквата мерка создава хиперпродукција на кадри, бидејќи денес нашето искуство вели дека на Катедрата за македонски јазик и книжевност во најголем дел се запишуваат студенти што искрено и со многу љубов им пристапуваат на македонскиот јазик и книжевноста воопшто. Но, во разговор со нив, и самите потврдуваат дека имале отпор од семејството и средината, дека по дипломирањето тешко би се реализирале како наставници, бидејќи тешко се доаѓа до работно место – вели професорката.
Да се врати достоинството на наставникот
Таа смета дека нарушеното достоинство на наставникот е горчливо прашање на денешницата.
– Бидејќи доаѓаме од високообразовна установа што едуцира и подготвува кадри што во најголем дел се стремат да бидат наставници, сметаме дека тука е местото гласно да кажеме и да ги предочиме најголемите проблеми пред кои се исправени веќе дипломираните, што, пак, од друга страна, децениски се провлекува и денес ни се појавува како последица, а тоа е соочувањето со недостиг од наставнички кадар, состојба што станува загрижувачка – вели доц. д-р Витанова-Рингачева.
Закон за национални катедри
Според неа, зголемување на бројот и висината на стипендиите за студентите од наставничките факултети е суштински значајно.
– Министерството да се сврти кон Катедрите за македонски јазик и книжевност и Катедрата за национална историја како национални катедри за кои, според мене, е потребен и посебен закон. Тие катедри не смеат да бидат изедначувани со сите други, напротив, тие се во темелот на создавањето на македонската држава, нејзиното опстојување и растеж. Да профункционира Законот за македонски јазик, во кој, меѓу другото, се предвидува секоја институција да вработи лектор, кој ќе се грижи за македонскиот јазик, неговата правилна применливост и чистота. Да се зголеми поддршката за мобилност и престој во странство на студентите од прв, втор и трет циклус студии и, секако, вистински да заживее и профункционира системот за финансиска поддршка на кариерниот и професионалниот развој на наставниците – заклучува доц. д-р Витанова-Рингачева.
Намален е бројот на студенти што се запишуваат на Студиската програма за македонски јазик и книжевност при Универзитетот во Тетово.
– За жал, морам да констатирам дека последниве неколку години е намален бројот на студенти запишани на нашата студиска програма. Ако направиме споредба со нашите почетоци (од академската 2004/2005 до пред неколку години), кога се запишуваа најмалку по 40 студенти годишно, ќе забележиме дека интересот е драстично намален. Така, последниве три-четири години се запишуваат по десетина, па и помалку студенти годишно. Сепак, ќе потенцирам дека во последно време процентот на запишани студенти е намален речиси на сите факултети и студиски програми. Секако дека и пандемијата, поради којашто немавме можност за директни средби со матурантите за промоција на студиската програма, е една од повеќето причини поради коишто сме во ваква состојба. Но ние, како професори, се трудиме да го зголемиме интересот на студентите за македонскиот јазик. За таа цел е планирана посета на сите средни училишта во нашиот регион, односно средби со матурантите, на коишто ќе ја промовираме студиската програма и ќе им објасниме на идните студенти дека со нашата диплома, освен како професори во основните и во средните училишта (со полагање лекторски испит), ќе можат да работат и како лектори, и во јавните и во приватните институции. Исто така, сметамe дека студиите по македонски јазик треба да бидат стипендирани, за да се зголеми бројот на студенти коишто ќе ги профилираме во квалитетни македонисти – вели проф. д-р Марина Спасовска, раководителка на оваа студиска програма.
И таа, како и другите професори, искрено се надева на што поскоро подобрување на состојбите.
Проф. д-р Виолета Јанушева е раководителка на насоката за јазици при Педагошкиот факултет на Универзитет „Климент Охридски“ во Битола, во која се подготвува кадар за македонски јазик и книжевност. Студентите со дипломирањето може да бидат професори по македонски јазик и книжевност, а може да работат во основно и средно училиште.
– Бројот на нови студенти кај нас секоја година се движи околу 10, во последниве четири години. Има студентите што ги користат стипендиите за изучување македонски јазик. Сите заедно треба да поработиме на тоа да се зголеми бројот на студенти, треба сеопфатен државен пристап – вели проф. Јанушева.
Бројот на студентите што се одлучуваат за македонистика е комплексен предизвик, кој е поврзан со многу состојби во државата, но и со недоволно силна стратегија за негово решавање. Иако состојбите се поместуваат на позитивната страна на оската, со оглед на неговото значење, оправдано се очекуваат силни решенија.
Автори : Биљана Стојановскa / Наташа Бошковска-Златкова