Од творештвото на писателот за деца Перо Миленкоски (4)

Драги деца, на страниците на „Колибри“, во десетина продолженија, ќе објавиме една многу поучна серија, преку која ќе научите важни нешта за сообраќајот, но на лесен и интересен начин. Тука ќе можете да прочитате песнички на познатиот писател за деца Перо Миленкоски токму на оваа тема.

– Брзиот доброорганизиран сообраќај е насушна потреба на современиот човек. Тоа е голема придобивка за секого од нас. За негово безбедно и непречено одвивање, постојат правила и прописи преточени во закони. Улиците и патиштата се обележени вертикално и хоризонтално, а за редот во сообраќајот се задолжени сообраќајци, секогаш подготвени да им помогнат на возачите и на пешаците. Сообраќајните знаци, пак, се скапоцена помош сѐ да се одвива непречено. Вака организиран, сообраќајот би требало да ни носи само задоволство. Но, за жал, не е секогаш така. Често на патиштата, дури и на пешачките премини, се случуваат сообраќајни незгоди, кои завршуваат со повреди и со тешки последици. Децата како учесници во сообраќајот често се жртви на невнимателни возачи, а поретко и на свое невнимание – вели Перо Миленкоски за она што го поттикнало да ја напише оваа едукативна книга.

За да придонесеме кон сообраќајното воспитување на најмладите, во наредните десет изданија на „Колибри“ ќе објавиме дел од поетската збирка „Детестоп“ на овој автор. Основната порака на неговите стихови гласи: „Внимателно движи се и за себе грижи се“!


Песна за добрината

Две девојчиња заедно
во возот си седеа,
се смееја, пееја
и смешки си редеа.
Во красна книга
убав збор сретнаа:
ДОБРИНА!
На две лица
насмевки светнаа.
Долго разговараа,
што е добрината
одговор бараа.

А кога местата
на еден дедо
и на кротка баба
им ги отстапија
(како што е редот),
една тетка рече:
О, драги деца,
што е добрината
зборуваат, мислат,
а в срце ја носат –
како мајска роса
бисерна и чиста.


Волшебна книга

Сообраќајните знаци
се другари добри.
Ако ги почитуваме
побезбедно ќе патуваме.

Тие не се украси крај патот
и вредат повеќе од злато.
Тие се волшебна книга
напишана необично, вешто:
точно нѐ известуваат за нешто,
внимателно и навреме
предупредуваат,
строго забрануваат
и наредуваат –
животот ни го чуваат.


Ај погоди што е тоа?

Враќање, испраќање

Од таму возовите
одат в разни страни,
патниците тука
од секаде се збрани.
Враќање, испраќање,
турканица, брзаница,
железничка……….


За авторот

Перо Миленкоски е современ македонски поет за деца и млади. Роден е во селото Слепче, општина Долнени. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. Завршил учителска школа „Гоце Делчев“ во Штип и дипломирал на Педагошката академија во Битола, на групата за македонски и српско-хрватски јазик. Работел како наставник и новинар во „Нова Македонија“, при што 23 години во додатокот за најмладите читатели „Колибри“, од кои 13 години како негов уредник. Живее во Скопје.
Ги издал збирките поезија: „Најубав ѓердан“, „Има една земја мила“, „Малиот сообраќаец“, „Детестоп“, „Сонце во око“ и „Сончев дворец“.