Природата се буди, но што со заспаната совест?

Денешниов ден, 5 април, е Меѓународен ден на совеста. Служи да ги потсети луѓето да размислуваат за себе, да работат на својата совест и да ги прават вистинските работи. Денес, човештвото сè уште се бори за мир, а светот продолжува да страда од конфликти што создаваат несигурност и нарушување на основните човекови права

Човештвото и светот одамна се сетиле и освестиле, па прогласиле Меѓународен ден на совеста. Датумот е 5 април. Календарски, Денот на совеста доаѓа кратко по Денот на пролета, кога, нели, природата се буди, па веројатно асоцијацијата е будење на нешто што можеби е заспано или подзаборавено во однесувањето на луѓето. Иако совеста е толку широка категорија што не може да се ограничи по ниту една основа, туку на неа треба да се работи и да нѐ потсетува постојано, 365 дена во годината. Еве само еден мал пример од нашето секојдневие како вовед во темата.
Кај мене во зграда, една компанија за рециклирање пластика и хартија постави хартиени канти за отпад на секој кат во зградата. Буквално до врата ни овозможи да се подосвестиме и теоријата за селекција да ја претвориме во практика. Лично, се израдував многу. Помислив, имаме прогрес, ни расте совеста. Селектиравме по дома, па со син ми ги носевме селектираните отпадоци. Радост за исфрлање ѓубре. Растеме со негување здрави навики.
Но многу кратко траеше радоста. На некои од соседите им пречеа кантите. Почнаа од револт да ги полнат со обични ќеси насобрано ѓубре. Ходниците почна да личат на мини-отпади. Подетален опис не е потребен. И кантите се дислоцирани. Приказнава баш и нема среќен крај. Но може да послужи како поука, токму по повод Денот на совеста. За тоа колку, всушност, се работи и на кое ниво ни е совеста, поединечно или колективно сеедно.
Не можам и не се ни обидувам да ги сфатам лошите аспекти на поставувањето канти за селекција. Само знам да се однесувавме рационално, совесно, да ги почитувавме правилата на селекцијата, да имавме самосвест, ќе успеевме во мисијата и намерата на компанијата. Тие можеби ќе заработуваа од нашиот отпад, а ние ќе придонесевме за почиста средина, почиста иднина. За некого примеров можеби е само „ѓубре“, и знам дека периодов имаме низа помасивни проблеми, ама за мене е разочарувачко сознание. Наместо да одиме напред, се вративме чекори назад.

Денешниов ден, 5 април, е Меѓународен ден на совеста. Служи да ги потсети луѓето да размислуваат за себе, да работат на својата совест и да ги прават вистинските работи. Се одбележува низ светот, кај нас сѐ уште е инкогнито. Кај нас сѐ уште се мултиплицираат несовесности од секаков тип, од секаков размер.
А пропо Денот, може да се разгледаат многу аспекти на совесно постапување, дејствување, размислување…
На пример, до каде ни е развиена совеста за чисти води и до кога ќе ја третираме водата како неограничен ресурс? До кога ќе се градат мини-хидроцентрали, изградени според несоодветна легислатива и непочитување на пропишаните нормативи и стандарди? До кога ќе се дозволува несовесно менаџирање на водите, загадување, злоупотребување, испуштање опасни супстанции…? Кога ќе се освестиме дека водите полека пресушуваат, а водниот свет се дави, па „третата светска војна“ можеби ќе биде за вода? Одиме понатаму. Разочарувачки, но со несовесноста се судираме на секој чекор.
Од речиси шест трилиони цигари што се пушат годишно, 4,5 трилиони се фрлаат на отворено. Догорчињата се најчест пример на отпад што може да се најде во природата. Успеавме да направиме и загадување од маските за лице… Непрекинливо ја уништуваме природата и покрај тоа што планетата ни е единствено живеалиште… Се војува, се убива, се присвојува туѓо, се прогонува, се гази врз сѐ што е човечко. Оставаме впечаток дека мислиме само за денес и никако за утре.
Ако од грешките се учи, колку грешки треба да направиме за да научиме, да се поправиме? Треба ли светот да се распадне, да јадеме тотално загадена храна, да дишеме смог, да нѐ казни природата со нарушување на здравјето, за да се однесуваме посовесно, прво кон себе, па потоа и кон околината?
По толку многу повторување исти реченици, исти идеали, стремежи, апели за ментално будење, пак тапкаме во место. И сѐ додека промените не се видливи, темава е актуелна за зборување, вредна за пишување.
Едноставно е, за да бидеме здрави и живи, мора да научиме да водиме урамнотежен живот, да коегзистираме хармонично со природата и да соработуваме еден со друг. А тука прво треба да учиме за совест, да практикуваме самосвесност, да вежбаме одговорност за нашите постапки.

Чувството на совест функционира како механизам на самоиспитување и разбирање на своите постапки, а, секако, и нивните последици. Секој од нас има способност
и одговорност да го промени светот кон подобро. Совеста е компас во човековите
срца, да ја разбудиме за да нѐ одведе во вистинскиот правец

Важноста на совеста лежи во срцевината на погледот на човекот навнатре и саморефлексијата, да се размислува и потоа да се дејствува на начин што се смета за морално исправен. Чувството на совест функционира како механизам на самоиспитување и разбирање на своите постапки, а, секако, и нивните последици. А во целина, добро создадената совест меѓу поединците и општеството може да промовира и култура на мир и хармонија. А токму кон тоа се стреми и целта на 5 април.
Денов на глобално ниво има многу поголема димензија. Ја промовира културата на мирот со љубов и совест. Ги зајакнува вредностите на мирот, солидарноста и сочувството и ја охрабрува заедница да ги мобилизира своите напори за промовирање мир, толеранција, инклузија, разбирање и солидарност, за да се изгради одржлив свет на мир, солидарност и хармонија.
А во овие тешки времиња низ кои поминуваме сите, тоа се доблестите што ни се потребни.
Потребата од еден ваков празник е иницирана од Обединетите нации, за да ги мотивираат луѓето да преземат продуктивни чекори, за да ги инспирираат поединците да работат на нивните внатрешни карактеристики. Исто така, се надеваат дека во годините што доаѓаат, активностите за едукација и издигање на свеста преку кампањи ќе се зголемат, а луѓето исто така ќе бидат посвесни за важноста да се однесуваат со почит кон поединците од други култури и етникуми.
Денес, човештвото сè уште се бори за мир, а светот продолжува да страда од конфликти што создаваат несигурност и нарушување на основните човекови права за луѓето низ светот. Тие имаат сериозни импликации за луѓето и самото човештво, па, оттука, Денот повикува на поголема совест и акција за градење свет каде што мирот е составен дел од културата.
Војните, конфликтите, хаосот што владе низ светот, климатските крици, дефицитот на човечноста нѐ провоцираат да размислуваме за себе, да се подобриме себеси и своите заедници. Секој од нас има способност и одговорност да го промени светот кон подобро. Совеста е компас во човековите срца, да ја разбудиме за да нѐ одведе во вистинскиот правец.