Управата за подготвеност и одговор за кризни состојби во здравството (ХЕРА) беше формирана за да обезбеди брз пристап до безбедни лекови против ковид-19

Управата за подготвеност и одговор на кризни состојби во здравството ја презеде од Европската комисија задачата за заеднички набавки во време на пандемија, истакнува Хелен Колис за „Политико“

Пандемијата го научи светот да го очекува неочекуваното

Поради пандемијата на коронавирусот, Брисел ја презеде улогата на главен преговарач за набавка на лекови во Европската Унија (ЕУ). Но договорите сега заглавија во процесот. На почетокот на пандемијата, Европската комисија беше главна сила, обезбедувајќи договори за 81 лек за интензивна нега, три моноклонални антитела и еден антивирусен лек. Меѓутоа, откако најновото европско тело ја презеде улогата минатата година, не се потпишани дополнителни договори. Во меѓувреме, се раширија новите соеви на коронавирусот низ Европа додека се развиваа мноштво нови ветувачки третмани.
Управата за подготвеност и одговор за кризни состојби во здравството (ХЕРА) беше формирана за да ги зацементира процесите воспоставени во почетокот на пандемијата. Тоа вклучуваше обезбедување брз пристап до безбедни и ефективни медицински контрамерки и во потребен обем. Но неколку фактори ги забавија темпото и бројот на договори. ХЕРА официјално беше отворена на средината на септември, но, всушност, со работа започна дури во октомври. Како што поминува времето, а луѓето продолжуваат да се хоспитализираат и умираат од ковид-19, некои од најперспективните лекови остануваат недостапни за некои помали европски земји што се потпираа на ЕУ за снабдување во пандемијата. Ако пандемијата нè научи нешто, тоа е да го очекуваме неочекуваното.

Можности

Седум лека за ковид-19 се одобрени за употреба во ЕУ и уште три чекаат зелено светло. Од нив, Комисијата има обезбедено договори за три, антивирусниот лек „веклури“ (исто така познат како „ремдесивир“) и моноклонални антитела „ронапреве“ и „ксевуди“. Комисијата, исто така, потпиша договор за уште една терапија со антитела од „Лили“, но таа никогаш не беше одобрена за употреба, додека „ронапреве“ се покажа како неефикасен во борбата против најновата варијанта омикрон, која сега е доминантна во Европа. Останува ЕУ да склучи договор за набавка на пакет од седум други лекови. Тие вклучуваат ветувачки нови орални антивирусни лекови што треба да се земаат дома, како и лекови наменети да се спротивстават на тешки форми на инфекција кај пациенти со ковид-19. Луѓето запознаени со тековните заеднички разговори за набавки изразија загриженост од процесот. Еден извор се пожали дека необврзувачката природа на договорите е најголемата причина за одложувањата.

Фрустрации

Според заедничките договори за набавка, земјите од ЕУ се одлучуваат и прецизираат колку дози сакаат. ХЕРА преговара за договор за дози за сите земји учеснички, но нема обврска земјите од ЕУ да ги купат. Ова предизвикува раздор меѓу земјите, ХЕРА и компаниите за тоа колку дози се потребни, бидејќи компаниите треба да издвојат од ограничените светски набавки во согласност со овие договори, кои не даваат гаранција за дефинитивна нарачка. Исто така, ништо не ги спречува земјите да потпишуваат билатерални договори со компаниите, бидејќи заедничката рамка за набавки на ЕУ не наложува ексклузивност. Дополнително, секој договор меѓу ХЕРА и компаниите треба да биде одобрен од секоја земја учесничка, што го забавува преговарачкиот процес. Производителите на генерички лекови, исто така, беа погодени од овие барања. Компаниите треба да трупаат резерви за да можат да конкурираат за тендер во ЕУ, што создава хаотична ситуација ако тие резерви не се купат, особено во време на криза, кога има огромна побарувачка. За ХЕРА, целиот процес е дел од преговорите. Земјите сакаат одредена флексибилност и не сакаат да бидат во ситуација кога се принудени да купат нешто што можеби не е важно за нив или не е корисно.

На повидок е промена

Во меѓувреме, Европската комисија сака да ја зајакне улогата на ХЕРА. Во својата стратегија за третирање на ковид-19, Комисијата рече дека иако заедничките набавки се покажале успешни во обезбедувањето рамноправен пристап до лекови за сите заинтересирани земји, сепак инструментот исто така ги покажа своите ограничувања. Комисијата сака да го рационализира процесот, правејќи го поагилен во итни случаи. Сака да ги скрати административните рокови, да ги спречи земјите да склучуваат паралелни билатерални зделки со производителите на лекови, да бара од земјите да направат одреден процент на нарачки во првите неколку месеци од договорот и да користат алгоритам за дистрибуција на пакувања кога резервите се намалени. Некои од овие прашања може да се протуркаат во регулативата на ЕУ која моментално е тристрана. Извори вклучени во тристраниот договор велат дека ова е особено чувствителна тема. Но француското претседателство сака да ја донесе регулативата пред да му заврши мандатот ова лето. Засега ХЕРА ќе треба да се снаоѓа со алатките со кои располага.