Берба на поени во третото коло

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Третото коло на 22. Европско првенство (ЕП) во Брежице (Словенија), во конкуренција на 317 шахисти (114 велемајстори) од 40 држави, е најуспешното за шестемина македонски претставници досега на тоа ЕП. Забележани се четири победи и по едно реми и пораз или вкупно 4,5 поени од можни шест.
Цел поен освоија велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (2.564 рејтинг-поени), на мечот со ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Бугарија, Валентин Митев (2.255), потоа ФМ Емил Ристески (2.374), кој го победи Словенецот Матеј Позун (2.168) и Антон Златков (2.081), кој славеше на дуелот со фаворизираниот ФМ од Унгарија, Балаж Пастор (2.338), а ФМ Роберт Велески (2.136) го надигра Израелецот Зафрир Пат (1.771). Ремизира Филип Михов (2.255) со солидниот ИМ од Грузија, Ное Тутисани (2.442), а загуби Хедон Мифтари (1.987) од францускиот ФМ Елиот Пападијамандис (2.406).
По три кола, Георгиев има 2,5 поени (делба на 8-52. место), Ристески има 1,5 (131), Михов 1,5 (164), Златков 1,5 (186), Мифтари еден (231) и Велески еден (244). На врвот има седуммина со максимални три победи, предводени од ВМ од Исланд, Гудмундур Кјартансон (2.450, рангиран на 133-то место пред ЕП).