Напаѓачот ги замолкна навивачите во неговиот некогашен дом, доведувајќи ја неговата држава на само еден меч од нејзиното прво учество на Светското првенство, пишува познатиот фудбалски портал „Гол“ за Александар Трајковски кој синоќа го постигна одлучувачкиот гол во победата на Македонија над Италија од 1-0 во Палермо.
– Трајковски кој е подобро запознаен од другите со стадионот на Палермо на Сицилија, погоди во последните моменти од мечот за да ги скрши италијанските срца и да закаже одлучувачка пресметка со Португалија – пишува „Гол“, додавајќи дека Трајковски е една од најголемите ѕвезди на Македонија.
Трајковски со прецизен удар ѝ донесе историска победа на фудбалската репрезентација на Македонија над европскиот првак Италија 1-0 во Палермо, совладувајќи го Џанлуиџи Донарума во судиското надополнување од полуфиналето на баражот за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Катар.
Токму Трајковски најчесто се закануваше преку удари од далечина при контранападите на „црвено-жолтите“, откако во пресрет на синоќешниот натпревар изјави оти се надева дека ќе постигне гол за победа против Италија. Искусниот напаѓач кој четири години настапуваше за италијански Палермо, беше стрелец против Италија во Торино (1-1) и во дуелот од квалификациите за претходниот Мундијал одигран во 2017 година. „Аѕурите“ тогаш не успеаја да се квалификуваат за СП.
Со 20 гола на 75 настапи, тој е на второто место на листата на стрелците во репрезентацијата зад Горан Пандев, со што четири од неговите погодоци беа во квалификациите за Светското првенство во кои Македонија заврши на второто место во групата Ј зад Германија, со што првпат обезбеди учество во баражот.
За Трајковски се наведува дека како тинејџер бил на проба во Челси, при што младинската екипа на „сините“ од Лондон своевремено освои турнир во Амстердам со неговиот гол против бразилски Ботафого. Тој потоа настапуваше во Хрватска и во Белгија пред да стигне во Палермо, каде што помина четири сезони до 2019 година, се додека клубот не беше казнет поради финансиски нерегуларности. По трансферот во шпанска Мајорка, тој сега настапува за Ал Фајха во Саудиска Арабија.
Трајковски со Македонија го очекува дуел против Португалија во финалето на баражот за СП во вторник во Порто, каде што со нова мајсторија би можел првпат да ја однесе фудбалската репрезентација на Мундијалот.