Пекинг го обвини генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за „ширење дезинформации“ тврдејќи дека Кина ја поддржала војна во Украина во услови на зголемен меѓународен притисок да се дистанцира од Москва.
Кина одбива да го осуди својот близок сојузник Русија за инвазијата на Украина и заостанува зад многу други земји во обезбедувањето хуманитарна помош за земјата разурната од војна, оценуваат западни медиуми.
Вчера Столтенберг, ја обвини Кина дека и дава политичка поддршка на Русија во нејзината инвазија на Украина со „ширење отворени лаги“ и го предупреди Пекинг да не дава материјална поддршка за воените напори на Москва.
Кина мора „да ги исполни своите обврски како членка на Советот за безбедност на ОН, да се воздржи од поддршка на руските воени напори и да му се придружи на остатокот од светот во повикот за итен, мирен крај на оваа војна“, рече тој.
Но, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина Ванг Венбин, истакна дека „да се обвинува Кина за ширење лажни информации за Украина само по себе е ширење дезинформации“.
– Позицијата на Кина е во согласност со желбите на повеќето земји… сите неосновани обвинувања и сомнежи против Кина ќе бидат побиени – рече тој на денешниот редовен брифинг.
– Ние секогаш ја поддржувавме тезата дека Украина треба да стане мост меѓу Истокот и Западот, а не да биде на првата линија во играта меѓу големите сили – потенцира тој.