Наспроти информациите за зголемена побарувачка на таблети со јод во земјите од непосредното опкружување на Украина, како и во земјите на чии територии има нуклеарни електроцентрали, упатените во Македонија уверуваат дека какви било мерки на претпазливост во таа насока, во моментов, се непотребни
Во Европа има панична потрага по
таблети со калиум јодид како заштита при евентуална нуклеарна војна
Интересна реакција во јавноста, деновиве, создаде објавата дека Европската комисија (ЕК) им наложила на членките на Европската Унија (ЕУ) да ги зголемат своите резерви на таблетите со јод. Во истиот контекст, европските медиуми известуваа за панична потрага на „Европејците“ по таблети со калиум јодид, како заштита при евентуална нуклеарна катаклизма што би можела да произлезе од војната во Украина.
Ефекти на преднуклеарна психоза во Европа
Иако авторите на гореспоменатите објави се повикуваат, главно, на неименувани извори од Европската комисија, ефектот што тие го имаат врз граѓаните потсетува на ситуацијата од почетокот на пандемијата на ковид-19, кога многумина нудеа „спасоносни рецепти“ за преживување, од кои барем една состојка, на своја рака, мораше да се побара во аптеките.
Така, деновиве, значителен дел од просторот во некои медиуми и на социјалните мрежи им се посветува на таблетите со калиум јодид, кои, наводно, по мошне различни цени можеле да се најдат низ овдешните аптеки и за кои експертите од разни области објаснуваа дали и колку се делотворни како заштита од таложење радиоактивен јод во тироидната жлезда во случај на нуклеарен инцидент предизвикан од евентуално зрачење на некоја од многубројните нуклеарни електроцентрали низ Европа или на директната употреба на нуклеарното оружје што ја навести рускиот претседател Владимир Путин со неговата неодамнешна наредба да се стават во состојба на висока готовност нуклеарните сили на земјата.
Колку и да е реална, оваа прва нуклеарна закана по завршувањето на Студената војна и по инцидентот во Чернобил, во 1986 година, оправдано ги доведе во состојба на готовност граѓаните, кои, поучени од искуството, сѐ помалку се потпираат врз своите влади.
Во Македонија нема паника, треба само подобра информираност
Наспроти информациите за зголемена побарувачка на таблети со јод во земјите од непосредното опкружување на Украина, како и во земјите на чии територии има нуклеарни електроцентрали, упатените во Македонија уверуваат дека какви било мерки на претпазливост во таа насока, во моментов, се непотребни.
– Без оглед на тоа што би можело да се случи во Украина, опасноста од големи зрачења кај нас е минимална. Во овие околности, разбирлива е и претпазливоста на земјите што граничат со Украина, како и на оние што имаат нуклеарни електроцентрали, како што се Австрија или Бугарија, но кај нас тоа е непотребно. Напротив, внесувањето дополнителни количества јод би можело само да му наштети на организмот – вели Горан Трајков, инспектор од Дирекцијата за радијациска сигурност.
Тоа го потврдуваат и лекарите, според кои јодот не може да се зема на своја рака, туку исклучиво по консултација со лекар. Треба да го користат само луѓе помлади од 40 години што биле изложени на нуклеарна радијација, при што, во зависност од возраста и тежината, докторите треба да ја одредат дозата.
– Никако не треба да се зема како превентива – потенцираат тие.
Освен тоа, се поставува и прашањето што всушност граѓаните, деновиве, купуваат во аптеките.
– Во 2021 година не е реализиран увоз на чист калиум јодид. Увоз на чист калиум јодид нема ниту од почетокот на годинава досега. Калиум јодид е состојка што ја има во состав на додатоци за храна што се одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство и кои во својот состав, покрај другите состојки, содржат и калиум јодид – информираа од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Тоа, впрочем, може да се заклучи и од искуствата на граѓаните и на некои медиуми што се обиделе да дојдат до овој производ на овдешниот пазар.
– Во некои од аптеките ни кажаа дека ваков производ не увезуваат со години. Други, пак, посочија дека имаат недостиг поради зголемена побарувачка. По речиси еден час и неколку посетени аптеки во центарот на главниот град, успеавме да купиме јод-таблети. Во првата аптека во која најдовме јод-таблети, едно пакување нѐ чинеше 243 денари. Станува збор за 30 капсули со фолна киселина и калиум јодид, кои обично се користат како додаток на исхраната и се купуваат без рецепт. Во друга аптека вработените ни кажаа дека таблетите што претходно ги купивме не се наменети за намалување на ефектите од радијација. Како калиум јодид ни понудија друг производ. И во оваа аптека не сме биле единствени што побарале јод-таблети. Тука го купивме последното шишенце со јод-таблети што беше останато за продажба, бидејќи во последниве денови имало наплив од купувачи. Пакувањето со 180 капсули со калиум јодид нѐ чинеше околу 1.150 денари – се вели, меѓу другото, во една од истражувачките стории што се објавени деновиве.
За разлика од овдешните власти, кои досега не се изјаснија директно во однос на оваа појава, некои земји веќе ги предупредија своите граѓани да не прават ништо на своја рака. Една од нив е Хрватска, која независно од актуелната ситуација со Украина, поради тоа што на границата со Словенија ја има нуклеарната електроцентрала „Кршко“, редовно ги одржува резервите на таблетите. Но тамошната лекарска комора неодамна соопшти дека поради заканите на Русија со нуклеарно оружје бележат зголемена побарувачка за таблети со јод. Комората ги предупреди хрватските граѓани дека таблетите калиум јодид се издаваат само на рецепт и дека во моментов нема здравствена потреба да се земаат. Тие исто така нагласија дека таблетите со јод може да предизвикаат опасни несакани ефекти, а во случај на нуклеарен инцидент тие не се лек што се користи за целото население.
– Повисоките дози јод во организмот може да предизвикаат разни нарушувања на тироидната жлезда – хипотироидизам, хипертироидизам или блокада на тироидната жлезда, а може да предизвикаат и тешки алергиски реакции. Калиум јодид, според протоколите на Светската здравствена организација, во случај на нуклеарен инцидент му се дава во многу висока единечна доза на населението на 15 или 20 километри од инцидентот. Овие таблети ја заситуваат тироидната жлезда со јод и на тој начин го спречуваат внесувањето радиоактивен јод во неа, а таблетите им се даваат на децата, трудниците и на оние до 40 години по инцидентот, бидејќи кај таа популација има зголемен ризик од рак на тироидната жлезда – објаснија оттаму.
Инаку, во неколку европски медиуми деновиве беше објавено и дека Европската комисија ги „охрабрила“ членките на ЕУ да вложат напори за зголемување на резервите на таблети со јод, како и на медицинската и заштитната опрема што би била потребна во случај на нуклеарен инцидент. Поткрепа за тоа дојде само во форма на изјава на неименуван гласноговорник на Комисијата, кој кажал оти се работи на подобрување на подготвеноста во случај на хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани.
Седум пожари близу нуклеарката во Чернобил
Седум шумски пожари избувнале во близината на нуклеарната централа во Чернобил, соопштија украинските власти. Украинците тврдат дека пожарите најверојатно избувнале поради гранатирање, а можно е и да се подметнати. Пожарот избувнал во област под контрола на руските сили, што, според Украинците, го оневозможува гаснењето. Постои растечка загриженост дека може да се прошири радиоактивен чад – соопшти Украинската државна служба за посебни комуникации. Д.М.М.