Дуплантис четврти пат поставува светски рекорд во скок со стап, вторпат во Белград и сега тој изнесува 620 см. Рохас за дури 31 см го надмина својот светски рекорд во трискок, со прескокнати 15,74 м
Армандо Дуплантис (22) од Шведска постави нов светски рекорд во скок со стап на Светското првенство (СП) во сала во Белград. Тој пред белградската публика вторпат за две недели го надмина светскиот рекорд, кој е во негова сопственост од 2020 година. На СП 2022 скокна неверојатни 6,20 метри, односно за еден сантиметар повисоко отколку неодамна, исто така, во Белград, на митинг. Неговата импресивна кариера почнува по минатото Светско првенство (тогаш со 19 години), кога во Доха прескокна 5,70 м, а потоа следува неверојатниот подем.
Во 2020, 2021 и во 2022 година, Швеѓанецот знае само за златни медали и за рекорди, а е и актуелен олимписки првак од Летните олимписки игри во Токио лани. Второто место на СП 2022 му припадна на Бразилецот Тиаго Брас (прескокна 595 см), а третото на Американецот Кристофер Нилсен (590 см).
Венецуелката Јулимар Рохас (26), во трискок, ја крена на нозе белградската публика во салата, прескокнувајќи 15,74 метри, односно дури 31 см повеќе од својот претходен светски рекорд во сала (15,43 м). Таа е светска рекордерка и на отворено, откако на Летните олимписки игри во Токио лани прескокна 15,67 м, односно 17 сантиметри повеќе од дотогашниот светски рекорд. Рохас е светска првенка од 2017 и од 2019 година на отворено и од 2016, 2018 и од годинава во сала. Некои нејзини ривалки на СП 2022 останаа еден метар, а други дури и два метра зад нејзиниот резултат. Најблиску беа Украинката Марина Романчук (14,74 м) и Американката Кимберли Вилијамс (14,62 м).