Со еколошка акција денеска во Прилеп беa одбележани почетокот на пролетта и Денот на екологијата. Беа засадени во ОOУ „Кочо Рацин“, 15 јаворови дрвја во паркот во населба Точила и 50 бадемови дрвја во околината на манастирскиот комплекс „Трескавец“.
-Во изминатиов период бевме силно посветени на чистење на огромен број на депонии и на запуштени градски локации. Продолжуваме да делуваме и понатаму континуирано во секојдневна координација со ЈКП „Комуналец“. Сите основни училишта денес се посветени на чистење на нивните училници и дворови. Одлучивме да ставиме акцент на засадување дрвја на повеќе локации со што ја подигнуваме свеста кај граѓаните за зачувување на животната средина. Во ООУ „Кочо Рацин“ засадивме дрвја од видот туи, потоа засадивме дрвја во паркот во населбата Точила и на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец – 50 бадемови дрвја, со што уште повеќе сакаме да придонесиме во разубавувањето на овој прекрасен храм. Во наредниов период ќе продолжиме со вакви акции за засадување на дрвја. Во 2022 година планираме да засадиме околу 3.000 садници, при што упатувам апел до сите наши сограѓани да бидиме совесни и да ја чуваме нашата животна средина затоа што немаме резервна планета. Сакам да ја искористам оваа прилика и да посочам дека даваме поддршка на денешниот светски ден на лицата со даунов синдром преку пораката „Сите во ист свет живееме“ – посочи градоначалникот Борче Јовчески.
Воедно беа засадени и садници на туи во паркот кај типските згради, а исто така беа обновени и садниците кај споменикот „Карпалак“.
Ка.М.