Во Министерството за економија денеска ќе направиме анализа, а утре на седница на Владата ќе информираме како се спроведуваат мерките кои се во функција, а ако треба ќе донесеме и дополнителни мерки, со цел да ги намалиме ценовните шокови, посебно за производите за кои е замрзната маржата, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Ги објавивме 26-те мерки за заштита на стандардот на граѓаните во глобалната економска криза. Ние имаме и други механизми во Министерството за економија, но и во другите институции, како автономните мерки со кои можеме целосно да укинеме некои царински давачки кои се предвидени, имајќи предвид дека нашата држава, главно, трговијата ја има со ЕУ, согласно со договорот за стабилизација и асоцијација и согласно договорот со ЦЕФТА – рече Бектеши во одговор на прашање при денешната посета на прехранбената индустрија „Витаминка“ од Прилеп заедно со премиерот Димитар Ковачевски.
Тоа, како што кажа, може да се прошири во случај ако продолжи војната во Украина.
– Би требало како и другите држави да мораме дополнително да се снабдиме со суровини и финални производи. Денеска во Министерството за економија ќе направиме анализа, а утре на седница на Владата ќе информираме како се спроведуваат мерките кои се во функција, а ако треба ќе донесеме и такви мерки, се со цел да ги намалиме ценовните шокови, посебно за производите кои се утврдени во одлуката и за кои е замрзната маржата – рече Бектеши.