Претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Благоја Богоевски, е избран за претседател на Натпреварувачката комисија на Европската шаховска унија (ЕЦУ), на конгресот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) во Батуми, Грузија. Богоевски, кој беше и кандидат за член на бордот на ФИДЕ од Европа, е еден од ретките Македонци што е избран на функција во високите европски спортски тела.
– Со добивањето на оваа функција сигурно дека ќе порасне и влијанието на Македонија во ЕЦУ, а со тоа ќе се зголемат и шансите за некои идни значајни шаховски манифестации кај нас – вели Богоевски.
Тој на конгресот во Батуми беше делегат на ШФМ и гласаше во изборот на новиот претседател на ФИДЕ и на ЕЦУ. Нов претседател на ФИДЕ стана Русинот Аркадиј Дворкович, кој го победи противкандидатот, Гркот Георгиос Макропулос (гласање 103-78), а Англичанецот Најџел Шорт се откажа. Тој доаѓа на местото на Русинот Кирсан Иљумжинов, кој на оваа функција беше 23 години. За претседател на ЕЦУ одново е избран Азербејџанецот Зураб Азмајпарашвили, кој доби 44 гласа од можните 50.