Клоп и Ливерпул ги очекува уште еден бурен крај на сезоната. „Ако стигнете до март во интересен дел од табелата, во четврт-финалиња во сите натпреварувања, тогаш се чини дека може да биде навистина добра сезона. Да се биде таму, да се биде подготвен за борба, тоа е предизвикот“, вели Клоп
ФУДБАЛ – ЈИРГЕН КЛОП, МЕНАЏЕР НА ЛИВЕРПУЛ
Менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул, Јирген Клоп, во ексклузивното интервју за „Скај спорт“ зборува за шансите за освојување на титулата, за најсилниот тим под негово водство, за иднината на клубот и за други работи. До неодамна се чинеше дека трката за титулата е завршена, но Клоп веруваше дека ништо не е готово.
– Кога ќе се навратам низ кариерата, не можам да се сетам кога било сѐ завршено пред последниот натпревар. За жал, не секогаш сум освојувал нешто, понекогаш станувало збор за опстанок во лигата или што и да е. Не знам точно дали е до мене, но тоа доста често ми се случува – вели Клоп.
Во јануари разликата помеѓу Манчестер сити и Ливерпул беше 14 бода, со два меча помалку за „црвените“. Она што се чинеше очигледно се покажа дека не е. Беше потребен огромен напор Ливерпул да стигне до овој момент.
– Моравме да се бориме, беше многу интензивно. Имавме пет натпревари за 13 дена и моравме да победиме на сите. Играчите се гладни за повеќе трофеи и се во состојба на готовност. Но се навикнавме на тоа во претходните неколку години. Ланската сезона моравме да победиме на не знам колку меча по ред само за да се пласираме во Лигата на шампионите. Во годината пред тоа ја освоивме Премиер-лигата и тоа беше многу поразлично од многу причини. Годината пред тоа беше голема трка за титулата до последниот ден – вели Клоп.
Сега е поинаку во Ливерпул. Во таа сезона, Мохамед Салах и Садио Мане беа стартери на последните 22 натпревари во Премиер-лигата. Малку е веројатно дека тоа ќе се случи овој пат, бидејќи во тимот има многу поголем избор на играчи отколку тогаш. Теоријата беше дека Ливерпул го има најдобриот почетен состав, а Манчестер сити најдобриот тим. Но Ливерпул веќе го освои Лига-купот, ставајќи крај на четиригодишната доминација на Сити во тоа натпреварување. Тие се во четврт-финалето на ЛШ и на ФА-купот.
– Тоа е доказ дека имаме опции доколку ни е потребно – вели Клоп.
На легендарната напаѓачка тројка, Салах, Мане и Роберто Фирмино, им се приклучија Диого Жота лани и Луис Дијаз во јануари. Дали е ова најсилниот состав што го имал?
– Се разбира, тој е. Интересно, но освен Луис, тоа е истиот состав што го имавме во почетокот на сезоната. Имавме силен состав, но едноставно сите не беа секогаш на располагање. Сега сите се здрави и достапни, тоа е тимот што отсекогаш сум сакал да го имам – вели Клоп.
Како резултат на тоа, Клоп може да ротира стратегиски наместо поради потребата да одмори некои играчи. Тој се надева дека овој тим на Ливерпул ќе се задржи заедно подолго време, но е свесен и дека има премногу таленти на едно место за да бидат сите среќни.
– Поради големината на составот веројатноста да останеме сите заедно е мала. Некои играчи сметаат оти не играат доволно често според нивните сфаќања. Штом ќе дојде летото ќе бараме решенија за тие ситуации. Но јадрото на тимот мора да остане заедно, нема сомнежи за тоа – вели Клоп.
Таа основна група се развива. Клоп сака Ливерпул да напредува до 2024 година кога му истекува договорот, но и многу подолго од тоа. Предвидува уште подобри времиња за клубот. Како и да е, Клоп и Ливерпул ги очекува уште еден бурен крај на сезоната.
– Ако стигнете до март во интересен дел од табелата, во четврт-финалиња во сите натпреварувања, тогаш се чини дека може да биде навистина добра сезона. Да се биде таму, да се биде подготвен за борба, тоа е предизвикот. Но момците се алчни на позитивен начин и се надевам дека ќе добијат нешто за возврат – вели Клоп.