Дека конечно треба да почне стратегиски и долгорочно да се размислува и да се дејствува, пред сѐ во поглед на стопанството и економијата, сметаат речиси сите соговорници, професори, интелектуалци, поранешни државни функционери… Нивното мислење е дека Македонија, за жал, е само во позиција на „шок апсорбер“, не само затоа што е мала држава и мала економија туку повеќе од три децении ништо не планира. Според нив, кај нас како да не се познати никакви политики на планирање и управување со макроекономски и други процеси и ризици. Термините „зависност-независност“, колку што е тоа можно во денешниот глобализиран свет, никогаш не биле на дневен ред, речиси во врска со ниту едно важно прашање и во ниту едно стратегиско тело…
Кризите ги потенцираа сите слабости на либералните економии во однос на планските
Откажувањето од планската економија, која, се разбира, би ги респектирала пазарните правила, во услови на повеќеслојна криза предизвикана од долготрајната пандемија, а потоа и од војната во Украина, се покажа како огромен хендикеп за голем број национални економии, за кои веќе во оваа фаза се потврди дека не се подготвени да ги задоволат ниту основните животни потреби на своето население. А прогнозите воопшто не се охрабрувачки дури ни за оние што многу поуспешно од Македонија се справуваат со кризите.
По големиот број предвидувања дека по оваа, ќе следуваат и нови пандемии, дека во моментов занемарените процеси поврзани со климатските промени ќе резултираат со силни турбуленции во производството и снабдувањето со храната, дека покрај војната во Украина, во светот, главно на Блискиот Исток, има уште осум жешки геополитички точки, кои наскоро би можеле значително да влијаат врз цената на нафтата, а со тоа и на економската стабилност на целата планета, почнаа да се интензивираат и дебатите за тоа како да се заштитат националните економии. Уште повеќе поради тоа што „прелевањето“ на кризите се покажа како највидлива од сите најавени „придобивки“ од глобализацијата.
ФАО: Владите да избегнуваат ад хок политики
Предвидувањата за можните ефекти од веќе видливите проблеми во производството и во снабдувањето со храна на глобално ниво се уште позагрижувачки. А како некои од многубројните превентивни мерки, Организацијата за храна и ветеринарство при Обединетите нации (ФАО) веќе им препорачува на владите да ги избегнуваат ад хок политиките, по кои токму во овој период на кризи и најчесто се посегнува.
– Пред да донесат какви било мерки за обезбедување на снабдувањето со храна, владите мора да ги разгледаат нивните потенцијални ефекти на меѓународните пазари. Намалувањата на увозните тарифи или употребата на извозни ограничувања би можеле да помогнат да се решат предизвиците за сигурноста на храната во поединечна земја на краток рок, но тие ќе ги зголемат цените на глобалните пазари – укажуваат од Организацијата.
Мошне е интересна и уште една нивна препорака, да се зајакнат пазарната транспарентност и дијалог.
– Повеќе транспарентност и информации за условите на глобалниот пазар може да им помогнат на владите и инвеститорите да донесат информирани одлуки во услови кога пазарите на земјоделски стоки се нестабилни. Иницијативите како што е Земјоделскиот пазарен информативен систем (AMIS) на Г20 ја зголемуваат таквата транспарентност преку обезбедување објективни и навремени процени на пазарот – објасни генералниот директор на Организацијата, Чу Донгју, во анализата насловена „Нови сценарија за глобалната сигурност на храната засновани на конфликтот Русија – Украина“.
Во Македонија повеќе од три децении ништо не се планира
Дека ефектите од руско-украинскиот судир ќе бидат изразени токму во земјите што немаат самоодржлива економија, каква што е и Македонија, потврди, меѓу другите, и извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), Дриљон Исени.
– Ние сме веќе влезени во една енергетска криза и се соочуваме со енормните компликации што ги донесе оваа криза, а конфликтот може уште да ги продлабочи тие несакани ефекти. Продлабочувањето на економската криза во европските земји ќе се одрази и врз нашата економија, која, за жал, не е позната по својата самоодржливост, а ние ќе се соочиме со криза што доаѓа поради поскапени производи, нарушување на надворешната трговија со две земји, како што се Украина и Русија. Но најзагрижувачки е фактот што поради неизвесноста од безбедносен аспект, може да дојдеме до ситуација во која ќе се намалат драстично и домашните и странските инвестиции – предупреди извршниот директор на СКСЗМ, Дриљон Исени.
И како Македонија, како таква, може да се справува со актуелните и да се подготви за наредните предизвици се прашањата за кои поискусните одговорите ги бараат пред сѐ во она што досега е, поточно не е сторено.
– Македонија, за жал, е само во позиција на „шок апсорбер“, не само затоа што е мала држава и мала економија, туку повеќе од три децении ништо не планира. Не ѝ се познати никакви политики именувани како „управување со макроекономски“ и други ризици. Термините „зависност-независност“, колку што е тоа можно во денешниот глобализиран свет, никогаш не биле на дневен ред, речиси во врска со ниту едно важно прашање и во ниту едно стратегиско тело. Такви де факто не постојат во државата на партиските солдатески, освен во вид на некакви имитации за дневни паради и замајување на неуката јавност – оцени поранешниот министер за финансии и гувернер Петар Гошев.
Дека конечно треба да почне стратегиски и долгорочно да се размислува и да се дејствува, пред сѐ во поглед на производството и обезбедувањето на храната, смета и професорот од земјоделскиот факултет Дане Бошев.
– Моменталното производство не ги задоволува домашните потреби, па, оттука, краткорочно треба да размислиме што ќе правиме за оваа година, но и долгорочно што ќе правиме на ова поле во иднина. Ние мора да обезбедиме минимум за сопствените потреби, имаме земјиште, можеби квалитетот не е воедначен, но Македонија има капацитет да се самопрехрани – вели Бошев.
И додека повеќето домашни експерти во своите коментари и анализи, со одобрување или повеќе или помалку критички го следат досегашното ад хок креирање и спроведување политики и реагирање на дневно ниво од страна на Владата, низ светот, па дури и во земјите со сличен развоен пат, во регионот, веќе извесен период се водат расправи за долгорочната одржливост на слободниот пазар и потребата од поголем државен интервенционизам не само во смисла на донесување антикризни мерки, какви што се замрзнувањата на цените и ограничувањата на извозот, што, вистина, се покажа како нужно во кризниот период, туку повеќе во поглед на долгорочно планирање и креирање и спроведување политики што ќе водат кон самоодржливост или барем кон помала зависност.
Некои од нив укажуваа дури и на пресвртот што, според нив, го направија некои од меѓународните институции, носители на либерализацијата на пазарот, какви што се Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка, Светската трговска организација (СТО), кои сфатиле дека слободниот пазар долгорочно е неодржлив доколку светот не сака да му се случи хаос.
– По падот на социјализмот, настана еуфоријата со воведувањето на пазарната економија и се зборуваше оти сѐ треба да му се препушти на пазарот. Започна со монетарната политика, продолжи со индустриската… Но излезе дека тоа им одговара само на развиените, силни економии. Сепак, ништо не се менуваше сѐ додека големите економии не се соочија со уште поголемите. Затоа сега сите се затвораат. И иако кај нас се тврдеше дека индустриската политика е непотребна, бидејќи пазарот ќе ги регулира нејзините прашања, видовме дека големите земји цело време ја контролираа таа политика – објасни неодамна хрватскиот економист Љубо Јурчиќ, кој долго време од тамошната јавност беше критикуван поради неговите ставови, но сега, кога во кризните времиња стана очигледно дека сите влијателни протагонисти низ Европа и светот посегнуваат по силно планирање, протекционизам и по регулациски мерки, добива сѐ повеќе истомисленици. Д.М.М.