Музичко-поетскиот и визуелен перформанс „Диши љубов“ ќе ја има својата премиера в петок (25 март ) во Концертната сала на Филхармонија со почеток во 20 часот.
Станува збор за сосема нов и уникатен проект со музика на композиторот и диригентот Џијан Емин и текстови на музикологот Тина Иванова, во кој музиката создадена низ песни раскажува љубовна приказна полна со емоции – микс на носталгија и надеж за подобро утре.
Музиката ќе биде изведена од бендот „оВо“ составен од извонредните и веќе добро познати музичари на македонската јавност: Џијан Емин – гитара и вокал; Драган Гиновски Гино – гитара; Ади Имери – гитара и вокал; Дарко Мучев Мучо – бас гитара и Гоце Стевковски – тапани, заедно со „Магичниот гудачки ансамбл“ во кој членуваат музички уметници од Филхармонија и хорот „Магични гласови“. Сцената ќе биде збогатена со визуелни ефекти специјално создадени за овој настан од страна на уметникот Емил Петров.
„Диши љубов“ пее за љубовта прикажана во сите нејзини лица – тажна, меланхолична, дури и трагична, среќна, возбудлива или полна со страст.
Љубовта која сите не „демне“ во текот на сиот наш живот, љубовта без која не би можеле да опстоиме, без која не би можеле да дишеме, љубовта по која копнееме. Пее за Скопје, за здивот и духот на градот. Всушност, зборува за две суштински појави без кои човекот не би можел да опстои – воздухот и љубовта.
– Инспирацијата да се реализира овој концерт првично произлезе од проблемот со кој годиниве наназад се соочува Македонија – загадениот воздух и се што тоа повлекува со себе, особено свеста за екологијата и за човечкото здравје. Од друга страна, проектот се доживува и како чисто љубовен, бидејќи самата тематика се базира на онаа првична, наивна љубов, на взаемна страст помеѓу двајца партнери. Концертот е замислен да се реализира на две нивоа. Првото ниво е изведба на песни кои во себе ја содржат веќе споменатата идеја, а второто ниво е нарација на расказ со љубовна тематика поткрепена со инструментална музика, што на целиот проект му дава една сосема нова и поинаква димензија – велат авторите на „Диши љубов“.
Песните ќе бидат испеани целосно на македонски јазик, а музиката и лириката ја поседуваат онаа скопска, носталгична звучна естетика и влече корени од музиката од 80-тите и особено од музиката од 90-тите години на минатиот век создавана на американското и на британското музичко поднебје.