По уште едно разгледување на спроведувањето на пресудите и одлуките на ЕСЧП, Комитетот на министрите на Советот на Европа оцени дека одбивањето на Бугарија да дозволи регистрирање на ОМО Илинден (и да ги спроведе пресудите на судот) е – неоправдано. Официјална Софија со години настојува прашањето на македонското малцинство во Бугарија да го направи невидливо за европските правни и политички институции. Пресудите на Судот од Стразбур се облигаторни и непостапувањето по нив не само што е спротивно на меѓународното право туку е и сериозно непочитување и прекршување на владеењето на правото!
Комитетот на министрите на Советот на Европа донесе оцена
Дведецениската борба за права пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), односно Советот на Европа, на здруженијата со македонски етнички предзнак во Бугарија добива ново продолжение. По уште едно разгледување на спроведувањето на пресудите и одлуките на ЕСЧП, Комитетот на министрите на Советот на Европа оцени дека одбивањето на Бугарија да дозволи регистрирање на ОМО Илинден (и да ги спроведе пресудите на Судот) е неоправдано. Европскиот суд досега има донесено шест пресуди во корист на ОМО Илинден, но ниту една не е спроведена. Сепак, Комитетот побара од Бугарија информации за повеќе прашања наведени во заклучоците до 30 септември 2022 година, со кои би се покажал конкретен напредок во однос на поединечните мерки, и одлучи да продолжи со испитувањето на оваа група случаи на нивниот состанок во декември 2022 година.
Во заклучоците на Комитетот од разгледувањето на спроведувањето на пресудите на ЕСЧП, меѓу другото, се потсетува дека „оваа група на случаи се однесува на неоправдано одбивање на судовите, во периодот меѓу 1999 и 2015 година, да регистрираат здруженија за да се постигне признавање на ‘македонското малцинство во Бугарија‘, врз основа на размислувањата за националната безбедност, заштитата на јавниот ред и правата на другите (чија цел е ‘признавање на македонското малцинство‘ и наводни сепаратистички идеи) и врз основа на уставната забрана за здруженија што остваруваат политички цели, како и поради неисполнување на формалноправните барања (повреда на членот 11)“.
Комитетот на министрите исто така изразува длабока загриженост дека и покрај усвојувањето на Преодната резолуција од 2020 година и одлуките од јуни 2021 година, најновите барања за регистрација иницирани од здруженијата апликанти повторно беа одбиени врз основа на целите на здруженијата или основи поврзани со конфузно толкување на статутите на здруженијата и повторно ги повика бугарските власти да ги разјаснат постоењето и правната основа на практиката на обврзување на здруженијата да се регистрираат под статус на јавно претпријатие.
Комитетот истакнува дека сегашните пресуди не доведуваат до обврска да се признае група на лица како малцинство, но јасно е дека од бугарските власти бараат да не одбиваат регистрација врз основа на целите на здруженијата.
– Комитетот изрази длабока загриженост поради фактот што речиси 16 години по првата правосилна пресуда во оваа група, на здруженијата што имаат цел „да го постигнат признавањето на македонското малцинство“ и понатаму рутински им се одбива регистрација и дека тоа во моментов изгледа главно поради поширок проблем на неодобрување на нивните цели – се вели во заклучоците на Комитетот на министрите на Советот на Европа.
Покрај оваа група од шест случаи со пресуди во корист на ОМО Илинден што ја разгледувал Комитетот на министрите на минатонеделниот состанок, постојат уште десетина пресуди од истиот суд во корист на други македонски здруженија од Бугарија. Официјална Софија со години настојува прашањето на македонското малцинство во Бугарија да го направи невидливо за европските правни и политички институции, аргументирајќи со конструкцијата на бугарскиот устав, според кој малцинските права биле регулирани како индивидуални, а не како колективни права, поради што наводно и не ги спроведува пресудите на ЕСЧП. Уште поконтрадикторно и безобѕирно, Бугарија настојува како еден од условите за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ да изнуди целосен молк од македонска страна за постоењето на македонското малцинство на нејзина територија.
– Македонската држава се нема придружено на случаите, односно на тужбите на македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, додека бугарската држава тоа го имаше сторено во случајот „Радко“, во кој македонски граѓани со бугарска самосвест се жалеа за нарушени граѓански права од страна на државата Македонија. Таа единствена пресуда од ЕСЧП е спроведена од страна на Македонија, додека Бугарија нема спроведено ниту една од 15-16 пресуди во корист на македонските здруженија во таа земја, изречени од истиот суд, повеќе од 20 години. Последната оцена на Комитетот на министрите при Советот на Европа, дека непостапувањето по пресудите на ЕСЧП од страна на Бугарија е неоправдано, е повеќе од силен политички сигнал, кој укажува на непочитување на обврските што ги презела со потпишувањето и ратификацијата на конвенциите за заштита на човековите права. Пресудите на Судот од Стразбур се облигаторни и непостапувањето по нив не само што е спротивно на меѓународното право туку е и сериозно непочитување и прекршување на владеењето на правото – вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка на Европскиот суд за човекови права.
Адвокатот Тони Менкиноски, застапник во неколку случаи на македонските здруженија од Бугарија пред ЕСЧП, исто така цени дека оцената на Комитетот на министрите за „неоправдано непостапување“ на бугарските власти по пресудите на Судот од Стразбур е сериозен сигнал, кој навестува силна дипломатска активност поради загрозеноста на Бугарија од блокада во Советот на Европа.
– Сериозноста на геополитичкиот миг што доведе до истапување на Русија од Советот на Европа ја става оваа европска организација пред предизвикот да ги докаже својата ефикасност и принципиелност. Во таа смисла, неоправданата оцена за непостапувањето на Бугарија по пресудите на ЕСЧП е на некој начин „предупредување пред исклучување“ од Комитетот на министрите, со што дава сигнал за одлучна дипломатска акција за почитување и спроведување на пресудите и одлуките на Судот од Стразбур. Сметам дури дека ќе биде направен и некој поконкретен чекор на притисок врз Бугарија за спроведување на пресудите, а не е исклучено и да ѝ биде сугерирана промена на нејзиниот устав во насока на имплементација на малцинските права како дел од основните човекови права – вели адвокатот Тони Менкиноски.