Кога ќе загубиме, се молам следниот натпревар да дојде побргу, со надеж дека ќе победиме и ќе ги истераме лошите чувства, вели Гимараеш, кој пристигна во Њукасл во јануари, од Лион, за 40 милиони фунти

БРУНО ГИМАРАЕШ, ФУДБАЛЕР НА ЊУКАСЛ

Бразилецот Бруно Гимараеш во ексклузивното интервју за „Скај спорт“ говори за доаѓањето во Њукасл од Лион за 40 милиони фунти (47,8 милиони евра), за адаптацијата во клубот и за други работи. Њукасл не е поразен (синоќа Њукасл играше со Челси) откако Гимараеш му се приклучи во јануарскиот фудбалски преоден рок.
– Не сакам да губам. Двата дена по секој пораз се навистина тешки за мене. Кога губам, се молам следниот натпревар да дојде побргу, со надеж дека ќе победиме и ќе ги истераме тие чувства – вели Гимараеш.
Самодисциплината што 24-годишникот ја научил на помлади години влијаеше врз него. Во Лион, тој течно научи француски за само шест месеци, импресионирајќи многумина во клубот. Во разговорот за „Скај спорт“, тој дејствува љубезно, скромно и е желен да им покаже на навивачите дека добро напредува и со англискиот јазик. Гимараеш ги уверува навивачите на Њукасл дека ќе се држи до насловите на задните страници на кои се најде по мечот против Саутемптон.

– Не сакам да пијам алкохол, не сакам да излегувам. Сакам да поминувам повеќе време со мојата девојка, со родителите и со моите кучиња, сакам видеоигри и дружење со пријателите. Навистина сум фокусиран на она што го правам, плус сакам да бидам најдобар што можам – вели тој.
Победата во четвртокот вечер во Саутемптон (2-1) беше првиот старт на Гимараеш за новиот клуб. Голот на Бразилецот со „петица“ значеше три бода за неговиот тим. Тоа беше вистински „еврогол“, како на меч во Лигата на шампионите (ЛШ), каде што Гимараеш сака да игра со Њукасл.
– Ако некој клуб има проект и сака да тежнее до максимум, тогаш тоа вклучува и освојување на Лигата на шампионите. Тоа е најголемото клупско натпреварување во светот, но сакаме да ја освоиме и Премиер-лигата, каде што се игра многу брзо и интензивно. Физички е слична на Франција, но Премиер- лигата е дефинитивно побрза, и најдобриот начин за учење е со тренинзи и со играње, така побрзо ќе учам – вели Гимараеш.

Њукасл беше во зоната за испаѓање кога на денот пред завршување на преодниот рок го заврши рекордниот клупски трансфер со Гимараеш. Многумина беа скептични за тоа дека играч што настапил во полуфинале на ЛШ за Лион пред 18 месеци, ризикува да испадне во Чемпионшип, во најдобрите години. Кога беше направен трансферот во Њукасл, Гимараеш објави видеоснимка од пристигнувањето, во кое ги спомнува разговорите со Арсенал. Но вели дека амбициите на „чавките“ биле премногу добри за да ги одбие.
– Разговарав и со други клубови, но единствената конкретна понуда дојде од Њукасл. Отсекогаш сум сакал да играм во Премиер-лигата, згора на тоа беше почеток на нов спортски проект за клубот – вели тој.
По победата над Саутемптон, Њукасл побегна од зоната на испаѓање и сега се поставува прашањето колку далеку може да се искачи овој тим. Но има една англиска фраза што Бразилецот ја научи за кратко време – натпревар по натпревар. На прашањето за шефот на „чавките“, Еди Хау, тој вели: „Ми се допаѓа, многу е паметен, размислува за натпревар по натпревар. Многу сум среќен со него и мислам дека можам да им помогнам на тимот и на тренерот“.