Паниката за снабдување со гориво вчера истовремено се прошири низ регионот, создавајќи редици на бензинските пумпи низ Македонија, Србија и БиХ, како што забележуваат медиумите. Ваквата ситуација ја потсети Србија на кризата за време на војните во 90-те години од минатиот век, кои беа одбележани со санкции и недостиг на гориво, пренесува „Би-би-си“ на српски јазик, додека тамошните медиуми јавуваат и за зголемена побарувачката за намирници во продавниците. Слична беше ситуацијата и во Сараево, каде што возачите вчера итаа на бензинските пумпи откако на државната телевизија беше објавена вест дека горивото драстично ќе поскапи, пренесува порталот „Кликс“.
Наспроти соопштението на српската Влада дека не постојат проблеми во снабдувањето со нафтените деривати, на социјалните мрежи се појавија информации дека одредени снабдувачи ги ограничиле количествата за точење гориво на 20 литри по автомобил и на 50 литри по автобус и камион. Набргу потоа на бензинските пумпи низ Србија се создадоа редици.
Компаниите НИС и МОЛ соопштија дека не планираат да воведуваат рестрикции, а српскиот претседател Александар Вучиќ преку Инстаграм порача оти државата има доволно нафтени деривати и храна, повикувајќи ги граѓаните да не наседнуваат на провокации.
Српската влада на 10 февруари донесе уредба за ограничување на цените на нафтените деривати во траење од 30 дена, според која е забрането да се ограничува количеството на точење гориво. Според уредбата, правните субјекти што ќе постапат спротивно се соочуваат со казни од 850 до 17 илјади евра и забрана за работа во траење од шест месеци до една година.
Завчера и Бугарија се соочи со паника поради цените на горивата, за чие создавање премиерот Кирил Петков ја обвини младинската организација на опозициската партија ГЕРБ. Тој тврди дека опозицијата организирала политички и хибриден напад на социјалните мрежи преку објавување на фотографии од одредени бензински пумпи, што придонело за создавање паника, како што пренесува „БНТ“.