Кинеската државна новинска агенција „Синхуа“ објави дека по барање на Украина, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во вторникот телефонски разговарал со неговиот украински колега Дмитро Кулеба. Според агенцијата, тоа може да се толкува како знак дека Украина е „отворена за преговарачко решение“ со Русија. Кулеба изјавил дека неговата држава „е подготвена да ја зајакне комуникацијата со кинеската страна и со нетрпение го очекува посредништвото на Кина за постигнување прекин на огнот“…
Западни аналитичари за „Гласот на Америка“
Аналитичарите на кои се повикува „Гласот на Америка“ изнесоа став дека Кина се позиционира како посредник во конфликтот меѓу Русија и Украина, за да биде препознаена како вистински влијателен глобален лидер.
Ваквите ставови тие ги градат врз основа на најновите информации што доаѓаат од повеќе извори. Најпрво, кинеската државна новинска агенција „Синхуа“ објави дека по барање на Украина, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во вторникот телефонски разговарал со неговиот украински колега Дмитро Кулеба. Според агенцијата, тоа може да се толкува како знак дека Украина е „отворена за преговарачко решение“ со Русија. Кулеба изјавил дека неговата држава „е подготвена да ја зајакне комуникацијата со кинеската страна и со нетрпение го очекува посредништвото на Кина за постигнување прекин на огнот“, се наведува во извештајот.
Како што велат експертите, помагањето за да ѝ се стави крај на војната би направило Кина да изгледа повеќе како миротворец, решена за воспоставување мир во Европа, отколку за одржување на пријателството по Студената војна со Русија. Тие сметаат дека обидот за посредување има и некаква поврзаност како потконтекст по однос на прашањето за односите Кина – Тајван. Кина сѐ уште смета дека полага суверено право врз Тајван и таа никогаш не ја отфрли можноста да употреби сила, доколку е потребно, за да ја обедини својата територија.
Секој напор да се запре војната во Украина „ја подобрува позицијата на Кина од пасивен актер да покаже некаква лидерска улога“, како што истакна Карл Тајер, почесен професор по политика на Универзитетот во Нов Јужен Велс во Австралија.
– Колку подолго Кина молчи, толку повеќе ја поткопува и онака напорната работа што таа ја вложи за да се прикаже себеси како одговорен глобален лидер – порача Тајер.
Западните лидери ја опишаа Кина како „воена сила што се шири во Азија“, а дека „Тајван е демократија со силна поддршка од Европа и од Северна Америка“. Кина е најнаселена држава, со 1,4 милион жители, втора по големина економија, со 18,1 илјади милијарди долари, и трета најмоќна вооружена сила, по САД и Русија. Но за нагласување е дека минатата година, кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Кина никогаш нема да „нападне и притиска други или да бара хегемонија“.
На прашањето за Украина, на една медиумска конференција одржана минатиот месец, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Ванг Венбин порача дека почитувањето на суверенитетот на сите држави е „трајна и принципиелна позиција на Кина“.
Ова е можност да се покаже дека Кина не е ревизионистичка сила, дека го почитува меѓународното право и го почитува суверенитетот. Во спротивно, таа ќе преземеше многу поцврст став кон Украина – порача Стивен Наги, вонреден професор по политика и меѓународни студии на Меѓународниот христијански универзитет во Токио.
Тајер смета дека успешното посредување особено ќе ѝ помогне на Кина „да добие поддршка во Европа“. Според него, тој однос може да доведе до поголема паневроазиска трговија. Во 2020 година, Кина беше трет по големина партнер за извоз на Европската Унија и нејзин најголем увозен партнер. Пред телефонскиот разговор меѓу министрите за надворешни работи, Кина избегнуваше отворено да застане на страната на Русија во однос на нејзината воена операција во Украина, и покрај долгогодишното продлабочено пријателство со Москва. Русија е поранешна сојузничка на Кина од Студената војна и беше сидрото на поранешниот комунистички Советски Сојуз.
Кина го избегнува зборот „инвазија“ во описот на конфликтот меѓу Русија и Украина. Но таа не ѝ се приклучи на Русија во ставањето вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ООН, поддржана од САД, со која се осудува нападот. Нејзиниот амбасадор во ООН предложи Украина да формира „мост“ меѓу Истокот и Западот. Кинеската државна новинска агенција „Синхуа“ во средата изрази жалење за ширењето „невкусни шеги“ за војната во „некои медиуми што немаат добри намери“.