Концертот насловен „Моќта на класиката“, на кој како солистка на англиски рог ќе настапи Маја Чанаќевиќ, а диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, ќе се одржи утревечер, во Македонската филхармонија. На програмата се Симфонијата бр. 5 од Л.В. Бетовен, „Сцена и рондо за англиски рог и оркестар“ од Антон Рејха и „Концерт за англиски рог и оркестар“ од Јозеф Фиала.
Антон Рејха (1770 – 1836) е роден во иста година со Бетовен и во тинејџерските години биле пријатели и заедно свиреле во оркестарот во Бон. Неговиот музички стил е релативно конзервативен и формален, таква е и неговата композиција „Сцена и рондо за англиски рог и оркестар“. Јозеф Фиала (1754 – 1816) е чешки композитор од ерата на класицизмот. Неговото искуство како одличен музичар и мајстор на обоата му овозможило и полесен пристап до создавањето дела. „Концертот за англиски рог и оркестар“ во Це-дур претставува олицетворение на неговата маестралност како солист, бидејќи во него ги инкорпорирал сите изведувачки аспекти што ги поседувал како врвен музичар во своето време. Иако „Петтата симфонија“ восхитува во својата презентација, компактност и извонредна музичка содржина, таа не е создадена во еден креативен импулс. Симфонијата првпат била изведена во Виенскиот театар, на 22 декември 1808 година, заедно со шестата „Пасторална“. Петтата симфонија е најпопуларно дело во неговиот творечки опус.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент што ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и во Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле.
Маја Чанаќевиќ дипломира обоа во класата на проф. Гордана Јосифова-Неделковска, на ФМУ во Скопје, а магистрирала и во областа на музичката уметност во класата на Владимир Лазаревски. Во текот на образованието, добитничка е на голем број награди на државните музички натпревари, како и наградата за најдобар студент на ФМУ.
Инструментот обоа го усовршувала и кај светски признаените обоисти Пол Домбрехт и Давид Валтер. Почнувајќи од периодот на студиите, па сè до денес, настапувала како солист или, пак, како член на камерни оркестри на сите фестивали во Македонија, но и надвор од неа. Вработена е повеќе од 20 години како обоистка и солистка на англиски рог во Македонската филхармонија. Во рамките на својата уметничка дејност, продолжува да твори и да ги промовира камерната музика и музиката пишувана за овој редок инструмент (англиски рог). Во периодот 2007 – 2017 година, во три мандати беше директорка на Македонската филхармонија.