Хибридните закани се можеби најсериозниот предизвик на современото време во кое живееме, тие се асиметрични, неконвенционални и немаат одредена територија и стриктна област на дејствување. Потребно е значително да се издигне јавната свест во земјава за сериозноста на хибридните закани. Потребен е ангажман на национално ниво од сите институции за зајакнување на капацитетите за интернет-безбедност, заедничко планирање и инвестирање во ресурси за справување со хибридните закани, вели претседателот Стево Пендаровски
Интервју со Стево Пендаровски, претседател на Македонија
Хибридните закани можат да бидат применливи за повеќе видови напади, од нарушувања на безбедноста на институциите, бизнис-секторот, до ослабување на одбранбените системи, истакна претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Нова Македонија“, осврнувајќи се на опасностите од ваквите организирани субверзивни активности, како и на предизвиците за нивно сузбивање. Влезот во меѓународните институции, според шефот на државата, многукратно ја зголемува отпорноста на Македонија на овие дестабилизирачки дејства, но тој истовремено нагласува дека е потребен ангажман на национално ниво од сите институции за зајакнување на капацитетите за интернет-безбедност.
Сведоци сме дека државата и нејзините институции во повеќе наврати беа цели на софистицирани хибридни кампањи и напади, особено за време на важните политички случувања и процеси. Според вашето мислење, какво е влијанието на ваквите закани и безбедносни предизвици врз интерните политички процеси, но и врз надворешната политика, односите со соседите и евроинтеграциите, како и врз различните сфери на општествениот живот во Македонија, со оглед на тоа што нивна цел честопати е подривање на довербата во државата и во меѓународните институции?
Хибридните закани се можеби најсериозниот предизвик на современото време во кое живееме, тие се асиметрични, неконвенционални и немаат одредена територија и стриктна област на дејствување. Можат да бидат применливи за повеќе видови напади, од нарушувања на безбедноста на институциите, бизнис-секторот, до ослабување на одбранбените системи. Дезинформациите, кои се дел од хибридните закани, не се новина на 21 век, меѓутоа како ново орудие на хибридниот сет мерки се сериозна закана за демократијата и стабилноста на општествата. Хибридните закани ја загрозуваат вербата во демократијата, ги слабеат институциите на земјата, креираат внатрешни конфликти и тензии, можат да создадат проблеми помеѓу соседите во некој регион и ја слабеат вербата во евроатлантските вредности што ги застапуваат НАТО и ЕУ. Примерите се многубројни и во секоја сфера. На пример, во текот на пандемијата се прошири вест дека НАТО и ЕУ не ни помогнале во справувањето со пандемијата, што не е вистина, затоа што земјава доби значителна финансиска поддршка од нашите партнери од НАТО и од ЕУ, како и медицинска опрема и средства. Целта на оваа хибридна стратегија беше јасна – со поткопување на довербата во НАТО и во ЕУ, граѓаните да почнат да размислуваат за некои други алтернативи, кои, наводно, би биле многу поподготвени да ни помагаат во секое време.
Како стабилизацијата на политичката сцена и процеси, односно евроинтеграциите и влезот во меѓународните институции можат да придонесат за отпорност и одбрана од хибридните закани и надворешната пропаганда во Македонија? Во колкава мера регионалните политички кризи и случувања, но и ситуацијата поврзана со Украина, која има пошироко влијание, го прават регионот подложен на хибридни закани и на надворешна пропаганда?
Влезот во меѓународните институции многукратно ја зголемува нашата отпорност. Членството во меѓународните организации ни овозможува да ги користиме капацитетите на сојузниците и да се справуваме со хибридните закани, со што не би можеле да се справиме доколку сме сами. Останувањето надвор од европските институции создава простор за влез на трети страни, кои би биле заинтересирани да промовираат вредности спротивни на европските, што не е поволно за нас на долг рок.
Како рамноправна членка на НАТО имаме целосен пристап кон најрелевантните информации на Алијансата за хибридните закани. Според вашето искуство, како може Македонија да ги искористи капацитетите на НАТО за да ги засили отпорноста и одбраната од хибридни закани?
Членството во НАТО ни овозможи пристап до заедничките ресурси и капацитети на Алијансата за справување со безбедносните закани, а меѓу нив се и хибридните закани. Како дел од овој сојуз, имаме одлична можност да стануваме свесни и информирани за многу работи за кои сами како држава не би имале доволно податоци или капацитети да одговориме. Во рамките на Алијансата добиваме информации од НАТО, како и билатерално со сојузниците со кои имаме зајакната соработка.
Забележлива е потребата за издигање на јавната свест за интернет-безбедноста и за поголема меѓусебна координација на државните институции за создавање унифициран одговор и законска рамка, кои ќе дадат подобра заштита од хибридните закани. Што може, според вас, да се стори на национално ниво за подобрување на интернет-безбедноста и за едукација на населението, како и на институциите и на компаниите?
Добро забележавте, потребно е значително да се издигне јавната свест во земјава за сериозноста на хибридните закани. Во последните две години, забележливо е дека темата сѐ повеќе зафаќа простор во јавниот дискурс, се организираат конференции и дебати, се изнесуваат стручни мислења и самите институции, кои се најмногу засегнати од темата, излегуваат со ставови, препораки и мерки. Но имаме истовремено и голем потенцијал за работа на темата и има повеќе работи што може да се преземат. Потребен е ангажман на национално ниво од сите институции за зајакнување на капацитетите за интернет-безбедност, заедничко планирање и инвестирање во ресурси за справување со хибридните закани. Со оглед на секојдневната изложеност на интернет, а во однос на јакнење на вештините, тука би ги споменал како целна група младите и во таа насока треба повеќе да внимаваме на образовните содржини, кои би развиле отпорност кај учениците, па сѐ до разни регулативи и механизми за саморегулација на медиумската заедница, со што би се намалиле влијанието и опасноста од хибридните закани.
Особено во текот на пандемијата е забележливо какви проблеми можат да создадат дезинформациите. На кој начин сметате дека може да се подобри системската, но и личната отпорност на дезинформации? Што може државата да преземе за одбрана од дезинформациите и за нивно сузбивање?
Од сите досегашни истражувања на темата се потврдува дека дезинформациите најчесто не се наивни и случајни, туку се производ на еден планиран организиран пристап кон одредена тема. Намерите, најчесто се, на долг рок и систематски, да се манипулира јавноста со пласирање погрешни информации, полувистини, извртени факти или комплетно фабрикувани вести, со крајна цел, да послужат на интересите и целите на одредени државни и недржавни ентитети, кои имаат свои специфични агенди. Свесноста за опасноста е стартната основа за справување со хибридните закани. Треба да бидеме свесни за сериозноста на овие закани, да ги зајакнуваме нашите капацитети преку заедничка работа на државните институции, академската заедница, граѓанскиот сектор и бизнис-секторот, затоа што цел на заканите може да бидеме сите ние, а потребен ни е здружен одговор.
Има огромен волумен на дезинформации со ескалацијата во Украина
Дали Македонија сега е изложена на поголемо влијание и ризик од хибридни закани по почнувањето на конфликтот во Украина и што може да се преземе во рамките на постојните државни механизми, како и во соработката со меѓународните институции, за одбрана, односно превенција на ваквите закани?
Државната позиција на Северна Македонија е јасна, ние ја осудивме руската агресија над Украина и се приклучивме на позициите на Алијансата како членка на НАТО и пакетот рестриктивни мерки на Европската Унија насочени кон Русија. Со ескалирањето на ситуацијата во Украина и инвазијата на Русија, темата го зафати речиси целиот медиумски простор. Има огромен волумен на дезинформации, кои дополнително придонесуваат за поларизација на општеството. Затоа е особено важно сите информации што се примаат преку медиумите, а особено оние што се достапни на интернет и преку социјалните мрежи, да се проверуваат, да се користат кредибилни извори на информации и граѓаните да не подлегнуваат на вести што имаат за цел провокации. Ние и преку Советот за безбедност упативме апел до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење дезинформации, кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО. Има повеќе механизми за справување со хибридните закани и дезинформациите, а нам ни се достапни помошта и алатките од Алијансата. Кога е потребно, во зависност од процените, ја користиме поддршката од НАТО.
Оваа содржина ја изработи „Нова Македонија“ во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“ што го финансира британската амбасада во Скопје.