Животот на голманот број 2 е дека треба да биде подготвен кога ќе добие шанса. Можам да се сетам најмалку на две неверојатни одбрани, веројатно имаше уште неколку. Тој докажа дека одлуката да го почне мечот е апсолутно исправна. Тој беше на врвно ниво, изјави Клоп откако во финалето Ливерпул го совлада Челси, на пенали, 11-10
ФУДБАЛ – ЛИВЕРПУЛ ПОБЕДИ ВО ЛИГА-КУПОТ НА АНГЛИЈА
Ливерпул е победник во фудбалскиот Лига-куп на Англија, по драматичното изведување пенали на дуелот со Челси, на стадионот „Вембли“, во Лондон. Јунак на мечот беше младиот 23-годишен Каомин Келехер, голманот на Ливерпул, кој го реализира 11-от пенал во серијата, а потоа неговиот колега на голот на Челси, Кепа Аризабалага, кој влезе во игра во последните моменти од судиското дополнување како специјалист за одбрана на пенали, го промаши голот од белата точка.
За Ливерпул ова беше деветти, рекорден трофеј во Лига-купот, прв по 2012 година и трет освоен по изведувањето пенали. Манчестер сити осум пати бил победник на Лига-купот на Англија, Астон вила и Манчестер јунајтед по пет пати итн.
Келехер ја оправда довербата на менаџерот Јирген Клоп, откако доби шанса да брани на сметка на првиот голман Алисон Бекер, не само поради голот од пенал туку и поради неколкуте одлични одбрани.
– Келехер е најдобриот број 2 во светот, особено на начинот на кој играме. Животот на голманот број 2 е дека треба да биде подготвен кога ќе добие шанса. Можам да се сетам најмалку на две неверојатни одбрани, веројатно имаше уште неколку. Тој докажа дека одлуката да го почне мечот е апсолутно исправна, а потоа во пенал-рулетот го покажа целиот опсег на своите вештини. Тој беше на врвно ниво. Јас сум две работи, професионален фудбалски менаџер и човек. Пред сѐ, човек. Келехер го заслужи ова. Во тренинг-центарот имаме ѕид каде што се наведени голманите што освоиле нешто. Му реков, ако победиме, ќе бидеш и ти таму. Така треба да биде – изјави Клоп. Л.Д.