ИН МЕМОРИАМ

Вчера во Скопје почина доајенот на македонското спортско новинарство Мирослав Наумовски-Лав. Работниот век го помина во дневниот весник „Нова Македонија“, каде што беше 27 години, а по негова иницијатива излезе првиот македонски спортски неделник, а потоа и дневен весник „Скок“, каде што беше и негов прв главен уредник. Тој беше еден од најзаслужните што по долга пауза повторно беше возобновен традиционалниот и во светски рамки познат Охридски пливачки маратон.
Наумовски за „Нова Македонија“ известуваше од ЛОИ 1976, 2000 и 2004, од ЗОИ 1984 и 1988, од три СП во кошарка, ЕП во различни спортови, универзијада, балканијади. Наумовски во младоста беше спортист, еден од првата ракометна генерација на Вардар, а настапуваше и за младинската репрезентација на Македонија. Со македонската репрезентација стана пионерски првак на СФРЈ, потоа во 1962 година беше прв на Младинското државно првенство, а во 1965 година државен првак во младинска конкуренција. Наумовски како одличен ракометар беше и на подготовки во Пореч, како кандидат за младинската репрезентација на поранешна СФРЈ (заедно со генерацијата на Поповиќ, Прибаниќ, Покрајац, Каралиќ…). Најмногу време поминал во Вардар, играјќи на позицијата централен бек.
Неговата заслуга за развојот на спортот и на новинарството во Македонија е голема. Ќе го паметат многу генерации, но и врвни спортисти, оти последните години од работниот век ги помина токму во Македонскиот олимписки комитет (МОК), кој го основа заедно со Васил Тупурковски и другите и каде што стана член на Собранието на МОК, на Управниот одбор на МОК, како и претседател на МОК-маркетинг.
Мирослав Наумовски-Лав беше пред сѐ човек со големо срце, онаков каков што тешко се наоѓа, кој не можеше да одбие задача, а секогаш подготвен секому да му помогне.