Војната во Украина го крена на нозе целиот свет, а многу познати личности се огласија на социјалните мрежи, обидувајќи се барем виртуелно да изразат зборови на поддршка за нападнатата земја. Еден од нив, актерот Шон Пен, пак, отиде на терен за да сними документарен филм за тоа што се случува во Украина. По тој повод на социјалните мрежи се огласија и некои од познатите руски убавици, кои изразија поддршка за Украина и рекоа дека војната ги исплашила и дека сакаат таа да заврши.
Ирина Старшенбаум:
Како дојдовме до ова?
Руската актерка Ирина Старшенбаум им се извини на Украинците со црна фотографија на својот профил на Инстаграм.
– Како дојдовме до ова? Ништо не може да ја оправда војната и немам зборови да ги опишам болката и ужасот што ги почувствував. Украинци, ве молам, простете ми, бидејќи сум беспомошна. Сакам веднаш да престане ова – напиша таа.
Влада Росљакова:
Луѓето сакаат мир повеќе од сѐ
Супермоделката Влада Росљакова објави видео во кое рецитира песна посветена на Украина и им порача да не се плашат.
– Признавам, не сум експерт за политика и не знам какви игри играат политичарите. Но се сеќавам на една песна што ја научив кога имав пет години. Бев многу исплашена, а во исто време бев и среќна бидејќи знаев дека живееме во мир – се присети таа.
Стиховите на песната што таа ја рецитира се: „Може ли секогаш да биде сонце, може ли секогаш да биде небо, може ли секогаш да биде мама…“.
Драги мои пријатели, луѓето сакаат мир повеќе од сѐ, па дури и на 35 години не се изморив да ги повторувам зборовите на оваа песна – додава Росљакова.
Супермоделките рекоа „не“ за војната
Валери Кауфман, која веќе неколку години ги освојува светските модни писти, објави фотографија на која Русија и Украина се гушкаат, сакајќи да ја нагласи важноста за воспоставување мир меѓу двете земји.
На Инстаграм се огласи и една од најубавите Русинки, Викторија Одинтцова.
Не за војната. Се молам ова да престане. Ова е страшно и болно. Не мора да се бориме – напиша таа.
Се огласи и една од најпознатите руски инфлуенсерки, Елена Перминова, која со црна фотографија порача дека „не сака војна“ и дека тоа е многу застрашувачко. Елена на нејзиниот Инстаграм ја следат речиси два и пол милиони луѓе.
Манекенката Валентина Зелјаева цитираше неколку познати личности.
„Вистината станува жртва на војната“, „Во војна нема победници, има само губитници“, „Или човештвото ќе ѝ стави крај на војната, или војната ќе му стави крај на човештвото“, сподели таа пораки од различни автори.
Анџелина Џоли: Се молам за народот на Украина
По повод војната во Украина, и холивудската ѕвезда Анџелина Џоли изрази загриженост за народот на Украина, велејќи дека се моли за народот на оваа земја и дека важноста на овој момент за нив не може да се прецени.
Во својата објава на Инстаграм, Џоли испрати пораки со поддршка и барање да им се помогне на бегалците и раселените лица што е можно поскоро.
Како и многумина од вас, јас се молам за народот на Украина. Мојот фокус, заедно со моите колеги од УНХЦР, е да сториме сѐ што е можно за да им се обезбедат заштита и основни човекови права на раселените лица и бегалците во регионот. Веќе видовме извештаи за жртви и луѓе што почнаа да ги напуштаат своите домови за да бараат безбедност – напиша таа.
Таа вели дека сѐ уште е рано да се знае што може да се случи, но дека значењето на овој момент, за народот на Украина и за меѓународното владеење на правото, не може да се прецени.
Шер: Путин е деспот
Пејачката Шер го нарече Путин деспот и напиша на Твитер дека ќе биде безмилосен до воскреснувањето на СССР.
Зошто Украина е важна за САД? Путин е деспот и, ако има шанса, ќе проголта суверени земји до воскреснувањето на СССР. Ова ќе ја остави Европа мала и незаштитена. Русија, Кина и Саудиска Арабија сакаат да ги донесат САД на колена и ова е идеална можност за нив. Тие сакаат поделби, омраза и слабост – напиша Шер.
Американската раперка Карди Би го искажа својот став за ситуацијата со Русија и Украина откако еден корисник на Твитер напиша дека би сакал да го слушне нејзиниот став.
Посакувам светските лидери да престанат да се натпреваруваат за моќ и да почнат да размислуваат за тоа кој навистина ќе биде погоден од војната (граѓаните), и покрај тоа што цел свет е во криза. Војната, санкциите и нападите треба да бидат последното нешто за што размислуваат лидерите – напиша Карди Би.
Шон Пен снима документарец за руската инвазија
Холивудскиот глумец и режисер Шон Пен моментално е на терен во Украина за документарен филм за руската инвазија врз земјата, потврди претставник од продукциската куќа „Вајс студиос“ за „Холивуд репортер“.
Исто така и од канцеларијата на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објавија соопштение на Фејсбук за присуството на Пен во земјата и го пофалија актерот за неговата работа.
Режисерот дојде специјално во Киев за да ги сними сите настани што моментално се случуваат во Украина и да му ја каже на светот вистината за руската инвазија врз нашата земја. Шон Пен е меѓу оние што денес ја поддржуваат Украина во Украина. Нашата земја му е благодарна за таквото покажување храброст и чесност – се наведува во соопштението.
Оттаму истакнуваат дека актерот ја посетил земјата во ноември 2021 година, во подготовка за документарниот филм. Тие откриваат и дека Пен го посетил Кабинетот на претседателот, присуствувал на брифинг со новинарите, а разговарал и со новинарите и војската.
Шон Пен ја покажа храброста што им недостига на многумина други, вклучувајќи ги и западните политичари. Колку повеќе има такви луѓе во нашата земја сега, вистински пријатели на Украина, кои ја поддржуваат борбата за слобода, толку побрзо ќе биде можно да се запре Русија – стои во соопштението што го пренесоа многу светски медиуми.