Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска ќе разговара во Москва со претседателот на Русија Владимир Путин, и според него тоа е еден од најзначајните состаноци во однос на сите што ги имал со него во изминатите години, јави Танјуг.
– Состојбата во нашиот регион е многу сложена, потребно е да се мери секој збор и политички потег. Во моменти кога економски напредуваме, имаме големи политички проблеми во регионот и за многу од нив не е сигурно каков исход може да имаат ако се случи какво било нарушување на стабилноста и мирот-нагласи синоќа Вучиќ во изјава за српски медиуми во Москва.
Тој најави дека со Путин ќе разговараат за билатералните односи, за ситуацијата во регионот и во светот за да добие совети и за тоа како Русија да и помогне на Србија во остварување на политичките и национални цели.
– Ќе разговараме и за многу конкретни проекти. Тие се значајни за подобар живот на нашите граѓани, животниот стандард на нашите луѓе – додаде Вучиќ.