Берзанската цена на гасот во Европа за време на вчерашното тргување порасна за 35 отсто и надмина 1.400 долари за илјада кубни метри, покажуваат податоците на лондонската берза. Како последица на најновите настани, руската рубља падна на најниската точка забележана досега во споредба со американскиот долар

ПО ВОЕНИТЕ ДЕЈСТВА ВО УКРАИНА

Рускиот воен напад на Украина вчера предизвика паника на светските пазари и доведе до пад на берзите, како и раст на цените на нафтата и гасот, а наедно се намали и вредност на рубљата. Берзите се чувствителни и реагираат на секој сигнал. Така, северноморската нафта брент, која е меѓународен стандард на нафтениот пазар, во вчерашното тргување, во еден момент достигна 100 долари за барел, што е максимум за седум години.
Берзанската цена на гасот во Европа за време на вчерашното тргување порасна за 35 отсто и надмина 1.400 долари за илјада кубни метри, покажуваат податоците на лондонската берза.
Цената на мартовските фјучерси во референтниот центар во Холандија се искачи на 1.414 долари за илјада кубни метри или 120 евра за мегават-час. Цените пораснаа од почетокот на руската инвазија на Украина.
Како последица на настаните, руската рубља падна на најниската точка забележана досега во споредба со американскиот долар. Во меѓувреме, Централната банката на Русија објави дека одлучила да започне интервенции на девизниот пазар во обид да ја стабилизира ситуацијата на финансиските пазари во услови на тензии во Украина. Овој потег би ѝ помогнал на рубљата малку да ги намали загубите.
На прашањата како ќе влијаат во Европа, но и во Македонија најновите случувања предизвикани со кризата побаравме мислење од реномирани универзитетски професори, како и инвестициски советници.
Универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети вели дека во моментов најголемите ризици се од психолошка природа на пазарите на капитал (берзи на котирани друштва) и стратегиските пазари на стоки (стратегиски и основни берзи).
– Ваквото влијание е видливо и кај двете групи на берзи, каде што нивните индекси значително се намалуваат. Ниту нашата берза во Македонија не е исклучок. Само во последните пет-шест дена, падовите се релативно поголеми од оние на светските берзи (Њујорк, Лондон, Франкфурт, Париз, Токио… итн.) – истакнува Беџети.
Другиот психолошки аспект, вели тој, е инфлациската спирала дека ако оваа криза продолжи и се продлабочи, веројатно е дека контролираната или управувана инфлација може да ги надмине умерените нивоа, па дури и да ги надмине едноцифрените плафони.

– На среден рок, економските влијанија и нарушувања може да бидат многу поголеми бидејќи руско-украинските области се извори на големи ресурси не само на енергија туку и минерали, храна, главно производи и стоки со кои се тргува на берзата каде што снабдувањето и побарувачката немаат стабилни пазарни салда – потенцира Беџети.
Според овластениот инвестициски советник, Коста Костадиновски, како последица на воената интервенција на Русија врз Украина акциите на берзите паѓаат.
– Влијанието од нападот доведе до пад на берзите, и на Азија, и на Европа, и на Америка индексите се во минус, но секако во најголем минус се руските акции. Македонската берза не е исклучок од сето ова – посочува Костадиновски.
Како што вели тој, од најновите случувања Европа е најсилно погодена во директните импликации во смисла на извоз-увоз.
– Некои компании, кај кои бизнисот и пазарот се во голема мера на тој регион, во оваа ситуација најверојатно ќе претрпат определени последици. И тоа најпрво се одразува на берзата како ефект, а додека во реалната економија допрва ќе се почувствуваат. Македонија најголеми последици ќе има со енергентите, ќе растат цените на енергентите, а тоа директно ќе влијае на сите. А поединечно, македонските компаниите што се поврзани со тие пазари ќе имаат тешкотии со пласман, со наплата, со увоз-извоз, достави, нарачки и плаќање… – истакнува Костадиновски.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески укажува дека ефектите од руско-украинскиот конфликт врз економијата почнаа да се материјализираат веднаш врз европската економија, од која ние сме високозависни.
– Европа сѐ уште е зависна од руските енергенти, цените на енергентите веќе реагираат, што се надоврзува на енергетската криза што постои од втората половина на 2021 г., а е предизвикана од други причини. Тоа има брз ефект на прелевање и кај нас. Вториот важен ефект е врз цените на примарните производи, храната и металите, со оглед дека и Русија и Украина извезуваат во светот важни производи како никел, алуминиум и жита. Намалувањето на извозот од Русија и Украина кон трети земји ќе ја намали понудата на глобално ниво, што дополнително ќе влијае врз цените, кои и онака беа под притисок како резултат на ребалансирањето на пазарната рамнотежа по пандемијата. Пазарите веќе реагираат на интензивната неизвесност присутна овие денови, а особено по инвазијата утрово – споменува Петрески.
Како што додава тој, економските ефекти зависат од обемот и интензитетот на конфликтот и во таа смисла може да бидат погубни и да траат.

– Конфликт од поголеми размери ќе ги направи пазарите особено воздржани во подолг временски период, што ќе ги затегне финансиските услови во Европа, а тоа за нас е, секако, неповолно. Растот во Европа ќе забави, што ќе значи дека и нашата економија ќе се соочува со послаба надворешна побарувачка, значи послаб раст и побавно закрепнување по пандемијата, а во услови на ценовни притисоци – укажува Петрески.
Инаку, професорот вели дека директните ефекти од конфликтот за нас се многу мали за да бидат значајни, тоа се должи на тоа што нашата трговија со двете земји има многу мало учество во вкупниот обем на увозот и извозот. К.М.