Во наредниот период треба да очекуваме дека ќе се стабилизира еидемиолошката ситуација во државата. Веќе се наоѓаме во онаа надолна крива на епидемиолошката состојба, истакна денеска портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ, одговарајќи на новинарски прашања.
Тој претходно на прес-конференција ги соопшти двете нови мерки кои ги предложи Комисијата по одржаниот состанок, а се однесуваат на укинување на укинување на задолжителниот ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјава и на ослободувањето од работа на бремените жени.
Во однос на тоа дали треба да има дополнително укинување односно укинување на генералните препораки за спречување на трансмисија на вирусот или мерки, Комисијата, појасни Мехмедовиќ, остана на ставот дека вакцинацијата во нашата држава изнесува 41 процент (со две примени дози) и дека е премногу низок опфатот за да се размислува во насока да има укинување на некои од мерките кои би спречиле и кои спречуваат трансмисија на вирусот.
– Според заклучокот на Комисијата, тоа што беше денеска дискутирано е дека се уште се наоѓаме во широка трансмисија на вирусот на локално ниво и дека укинувањето на која било од актуелните мерки вклучувајќи ги и сертификатите може да доведе до влошување на епидемиолошката состојба и повторно преполнување на болничките капацитети или на амбулантите – рече Мехмедовиќ.
Тој рече и дека засега не гледаат разлика во клиничката слика кај пациентите со ковид-19.
– Согласно последните информации се уште доминантен БА1-варијантата на Омикрон и се уште немаме соберено доволно податоци кои ќе одговорат на тоа дека има некаква разлика во клиничката слика БА2 варијантата во однос на БА1 варијантата. Ги следиме искуствата што се во светот кои треба да ни укажат на тоа ако има какви било разлики во однос на третманот или постапувањето или дијагностиката кога се двете варијанти во прашање да ги имплементираме ако може што е можно побрзо – додаде Мехмедовиќ.