Генезата на оваа системска грешка треба да се бара исклучиво во Изборниот законик, кој е главниот генератор за продуцирање неквалитетни кадри и кој им овозможува на партиските лидери да номинираат кандидати блиски до нив, кои беспоговорно ќе ги извршуваат нивните наредби и кои во ниту еден момент нема да им се спротивстават. Нашите соговорници со доза разочараност констатираат дека речиси секој нов состав во македонското собрание има сѐ поголем број пратеници што се однесуваат како „партиско-лидерски клонови“, кои по инерција само кимаат со главата и аплаудираат кога нивниот партиски шеф ќе каже нешто, дури и не осмелувајќи се воопшто самите да размислуваат, анализираат, синтетизираат и да изнесат став во интерес на граѓаните, а не на партијата или лидерот
За донесување квалитетна правна регулатива се потребни длабоки системски реформи
Македонското собрание за овие 30 години самостојност наместо да се етаблира како дом на демократијата и вистински коректор на власта, се претвори во обична гласачка машинерија што не обрнува никакво внимание на квалитетот на законите што ги гласа, на продуктивната дебата, на квалитетот на народните избраници, (но и на почитувањето на собранискиот Деловник, кој секој го толкува онака како што му одговара).
Сето ова говори за постоење на еден сериозен системски проблем што станува сè поевидентен, а кој јасно покажува дека во работата на Собранието повеќе нема никаков парламентарен квалитет и демократија, туку само спроведување на планираната партиска агенда диктирана од врвот на партиите.
Генезата на оваа системска грешка треба да се бара исклучиво во Изборниот законик, кој е главниот генератор за продуцирање неквалитетни кадри и кој им овозможува на партиските лидери да номинираат кандидати блиски до нив, кои беспоговорно ќе ги извршуваат нивните наредби и во ниту еден момент нема да им се спротивстават.
Од тие причини, во речиси секој нов состав во македонското собрание има обични кимоглавци, кои по инерција само кимаат со главата и аплаудираат кога нивниот партиски шеф ќе каже нешто, дури и не осмелувајќи се воопшто самите да размислуваат.
Токму поради таквиот полтронски однос, работата на Собранието е целосно девалвирана, граѓаните немаат доверба во оваа институција, а кај надлежните нема ниту искрена желба работите да се променат.
Последните дебати во јавноста околу неопходноста за промени на Изборниот законик повторно наидуваат на отпор кај дел од поголемите партии, на кои, без оглед што изјавуваат дека се отворени за разговори, им одговара ваквото функционирање во кое партиските лидери го имаат последниот збор и кажуваат кој ќе биде пратеник, кој министер, кој градоначалник, а кој директор на некоја институција. Тоа им овозможува да имаат целосна контрола врз процесите во државата и континуирано да трупаат во институциите неквалитетни послушни кадри.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски, генезата за неквалитетот во Собранието, но генерално и во другите институции, ја лоцира во самите политички партии, кои немаат демократски капацитет и кои немаат ниту желба да го променат тоа, менувајќи ја матрицата и во своите редови, а и во основната изборна законска регулатива.
– Генезата за овие проблеми треба да се бара во политичките партии, кои наместо да бидат претставници на граѓаните, ги гледаат само партиските интереси. Ниту еден пратеник не одговара пред изборната база, туку одговара пред лидерот оти тој го номинирал на таа функција. Нашиве партии се султан-партии, нема внатрепартиска демократија, а тоа автоматски значи дека нема демократија ниту во државата – вели професорот Давитковски.
Според него, ако има демократија во самите партии при избор на претседатели или за номинирање на пратеници, тогаш работите ќе бидат многу подобри и ќе се добиваат квалитетни кадри и во Собрание, но и во другите институции што ќе мислат со своја глава и кои ќе нудат квалитетни решенија.
– За жал, кај нас ќе седне партискиот лидер со два-тројца блиски соработници и одлучува кој ќе биде пратеник, кој градоначалник, кој директор… Кога партиите ќе се демократизираат, може да очекуваме демократијата да може да се аплицира и на државно ниво, прво во Собранието, утре во Владата итн. Но во овој момент нема премногу простор за оптимизам, па затоа тие си ставаат исклучиво лепачи на плакати и полтрони од општина, Собрание, па до претседател на држава, се назначуваат само партиски кадри, друго не ги интересира – категоричен е Давитковски.
За него лицемерни се декларативните партиски заложби околу промените на Изборниот законик и постојаното повикување на консензус при правењето на тие изборни промени. Сето тоа наликува на алиби за големите партии дека прифаќаат промени, за потоа консензусот да го наруши некоја од приврзок-партиите, стимулирана и инструирана од некој помоќен политичко-партиски центар, па промените „паѓаат во вода“.
– Големите партии никогаш нема да прифатат никакви измени на Изборниот законик бидејќи им одговара овој изборен модел. Тоа што им е добитна комбинација, никој не сака да го менува. Само зборуваат за партиски консензус, но каде се граѓаните во тој консензус? Постои ли консензус со нас граѓаните? Избирачкото право е наше неприкосновено право. Дали некој ги прашува граѓаните за изборниот модел? Зошто не се отвори јавна расправа за тоа, каде е невладиниот сектор, па дури и ако треба можеме референдум да направиме за изборниот модел. Во Швајцарија прават референдуми за промена на име на улица, тогаш зошто народот да не се произнесе каков изборен модел сака? Кои се партиите да имаат ексклузивно право на тоа? Кои се тие четворица партиски поглавици да одлучуваат за судбината на целиот народ? Тоа е нонсенс, затоа и ни се случува од година на година апстиненцијата на изборите да расте. Тоа е одраз дека граѓаните немаат за кого да гласаат и сè повеќе одбиваат да гласаат за лепачи на плакати – заклучува професорот Давитковски.
На иста линија со професорот е и првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, кој проблемот со неквалитетот во Собранието го врзува со изборниот модел, но во анализата оди и уште подлабоко, лоцирајќи ги причините во партиските статути.
– Проблемот со (квалитетот на) Собранието лежи во изборниот модел (пропорционален) или ако одиме уште подлабоко, со статутите на водечките партии. Имено, системот не обезбедува директна одговорност кон граѓаните/гласачите, туку кон партијата (која ги составува листите на кандидати за пратеници) и во комбинација со партиските статути (и начинот на функционирање на партиите), каде што не се стимулираат и негуваат вредности на одговорност, отчетност, интегритет и пред сè професионализам, туку лојалност кон партијата и особено кон лидерот. Ова продуцира партиски послушници (во најголем дел) на партиските листи за избори, кои понатаму работат како што ќе наложи партијата, а не како што налага Уставот – по сопствено убедување и со одговорност за тоа што се работи и гласа во Парламентот – истакнува Кржаловски.
Гир: Парламентот мора да ја засили својата улога
Европската Унија во последните неколку извештаи за напредокот на земјата јасно стави до знаење дека не е задоволна од квалитетот на работата на македонското собрание, а тоа неодамна го повтори и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој порача дека Собранието мора да биде функционално, блокадите да се надминат, а власта и опозицијата повеќе да соработуваат.
– Вие мора да придонесете да се засилат демократијата и владеењето на правото во државата. Потребно е веднаш да го ревидирате Изборниот законик, да не се злоупотребува европското знаменце и да има помала употреба на закони по скратена постапка. Парламентот мора да ја засили својата улога и да има конструктивен дијалог меѓу партиите. Соработка мора да има. Треба да се создадат услови за фер и транспарентна постапка при приемот во Академијата на судии и јавни обвинители, а мора да се забрза и развојот на зелената агенда без која земјата не може да напредува – изјави Гир.