Кејн постигна два гола на мечот Манчестер сити – Тотенхем 2-3, а Ливерпул го совлада Норич со 3-1 и му се приближи на Сити на само шест бода со меч помалку од водечкиот тим сезонава

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Кејн ја разгори битката за титулата

Трката за титулата во англиската фудбалска Премиер-лига повторно се актуализира, поради Хари Кејн, напаѓачот на Тотенхем, кој постигна два гола во победата на гости со Манчестер сити (3-2), играчот што Сити сакаше да го ангажира лани летото. За Сити тоа беше прв пораз во лигата по речиси четири месеца (од Кристал Палас, 0-2) откако претходно победи на 14 од 15-те средби. Тотенхем е четвртата екипа што забележала две првенствени победи во една сезона против Сити предводен од Пеп Гвардиола (во првиот меч 1-0), по Челси (сезона 2016/2017), Манчестер јунајтед (2019/2020) и Вулверхемптон (2019/2020).
– Беше многу емотивен, многу возбудлив натпревар. Одигравме добро, го следевме нашиот план. Манчестер сити има посед на топката од 65 до 70 минути по натпревар, така што моравме да бидеме добри тактички. Но и кога се браниме, нашата прва мисла беше како да нападнеме. Создадовме шанси и постигнавме добри голови против фантастичен тим. Кејн е многу важен играч за нас, тој беше многу добар во чувањето на топката. Оваа победа ќе ни даде поголема самодоверба, бидејќи не беше едноставно да се игра со Сити по трите порази во низа – изјави менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте.
Ливерпул ја забележа осмата победа по ред во сите натпреварувања, овој пат над Норич со 3-1, со што ја намали разликата со лидерот Сити на шест бода (има и натпревар помалку, со Лидс в среда). Мохамед Салах постигна еден гол за Ливерпул, 150-ти во сите натпреварувања на 233-те меча со што стана еден од 10-те фудбалери што ја достигнале таа бројка. Само Роџер Хант има постигнато 150 гола за Ливерпул на помалку натпревари од Салах, на 226.
– Најважно е да бидеме фокусирани на секој меч и да видиме што ќе се случи на крајот од сезоната – изјави Салах.
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, инсистира дека успехот (уште е во трка по четири трофеи сезонава) се базира повеќе на ставот и карактерот отколку на квалитетот.
– Треба да се бориме и да не размислуваме колку добри би можеле да бидеме. Никој не е задоволен ако биде втор. Да стигнеш до финале е одлично, но ако загубиш, сѐ е ништо. Според мене, ова е врвен тим, најдобар што сум го имал досега, но поважно е какво расположение во тимот и на стадионот можете да создадете за да постигнете резултати – вели Клоп. Л.Д.


Топин без вистинска конкуренција до трофејот

Финалистот од претходниот олстар-викенд рутински стигна до трофејот во забивање

Крајот на саботната програма на Олстар-викендот беше резервиран за натпревари во забивање, кој се очекуваше да ја краси вечерта. Но сепак на крајот се покажа како апсолутно фијаско, со оглед на тоа што натпреварувачите, освен победникот Оби Топин, практично не покажаа ништо занимливо.
Серијата неуспеси започна со фаворитот за освојување на трофејот, Џејн Грин. Кошаркарот на Хјустон имаше низа промашувања, а серијата неуспеси ја заврши со скромно забивање, по што беше јасно дека ќе биде елиминиран пред финалето. Кол Ентони остави нешто подобар впечаток од Грин, но и тој не успеа да направи потег вреден финале, па Топин и Хуан Тоскано Андерсон беа во директен дуел за трофејот.
Кошаркарот на Голден стејт се исфрли себеси од борбата за трофејот со серија лоши забивања, а асот на Њујорк практично и пред последниот обид го имаше трофејот. Сепак, победникот ја награди со најатрактивното забивање на вечерта, за што жирито му додели 47 поени. Г.И.


ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПЕКИНГ
Финска конечно освои злато во хокеј на мраз

Финска го освои златниот медал во хокеј на мраз за мажи на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг, со победата над Русија со 2-1, олимписките шампиони од ЗОИ во Пјонгчанг во 2018 година. За Финска ова е прв историски златен медал во хокеј на мраз и прв олимписки медал во кој било тимски спорт.
Претходно хокеарите на Финска, кои не загубија ниту еден од шесте меча во Пекинг, на 18-те настапи на ЗОИ освоија два сребрени (во Калгари во 1988 и во Торино во 2006 година) и четири бронзени медали (во Лилехамер во 1994-та, Нагано во 1998 г., Ванкувер во 2010-та и во Сочи во 2014 година).
– Тешко е со зборови да се каже што значи ова. Многу тежок турнир. Целиот тим играше добро цело време, а ова е наградата за тоа. Хокејот е голема работа во Финска. Ова е за сите нас, сигурно – изјави напаѓачот Валтери Филпула, кој со Детроит ред вингс го освои Стенли-купот во канадско/американската НХЛ-лига во 2008 година.
Бронзениот медал, прв олимписки во хокеј за мажи, го освои Словачка, која ја победи Шведска со 4-0. Л.Д.


Белгија го освои првото злато по 74 години

Белгија го освои својот прв златен медал на зимски олимписки игри (ЗОИ) по пауза од 74 години, кога Барт Свингс стигна до победа во брзо лизгање, трка на 1.000 метри со масовен старт за мажи, на ЗОИ во Пекинг, пишува „Би-би-си“. Свингс, кој го освои среброто на ЗОИ во 2018 година, беше втор во последниот свијок, но најде дополнителна сила за спринтот до целта. Тоа беше првото злато на неговата земја на ЗОИ по ЗОИ во 1948 година кога триумфира двојката во уметничко лизгање, Мишелин Ланој и Пјер Боние. Во трката на ЗОИ 2022 Чунг Јае Вон и Ли Сеунг Хун од Јужна Кореја го освоија среброто, односно бронзата.