Кариерата на еден од нашите најдобри автомобилисти кулминира со второто место на европскиот челенџ-шампионат во групата Н. Настапот на познатата патека во Хокенхајм предизвика посебна возбуда кај Димушевски. Со клубот Примо беше организатор на многу трки на македонските патеки. Инцидент со среќен крај во 2017 година

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (221) AЛЕКСАНДАР ДИМУШЕВСКИ-ВУЛЕ (2)

За Александар Димушевски и неговите почетоци во светот на автомобилизмот веќе пишував, сега ќе направам еден пресек на она што практично беше највредно да се обележи од неговата кариера. Ако, пак, го слушате како ја опишува својата спортска биографија и сами ќе почувствуваме колкава е возбудата што ја носи овој спорт на храбрите, кој бара психолошка стабилност, концентрација и голема умешност во управувањето со воланот. Ако нешто од споменатите работи недостига, тешко може автомобилистот да ги оствари саканите цели и да се пробие во елитната група возачи. Токму тие особини беа карактеристични за популарниот Вуле, кој во трките влегуваше храбро, но и со „студена“ глава, зашто секоја непотребна егзибиција можеше да биде опасна.
– Нормално, секогаш целта ми беше не само да извозам туку да изборам што повисок пласман. Впрочем, таа желба ме мотивираше и многу години ме одржуваше да останам во автомобилизмот. Секогаш тежнеев да бидам подобар и подобар, без оглед дали се работеше за ридска или за брзинска трка. Секоја од тие трки ми го креваше адреналинот и се трудев да возам максимално – вели Димушевски.

АПЛАУЗИ ОД ГЕРМАНЦИТЕ

Влегувајќи од трка во трка, Димушевски го отвораше патот кон врвот и неговото име стана препознатливо и надвор од границите на нашата држава. Со своите резултати, настапувајќи со рено-клио класа 2000 Н, во челенџ-натпреварите, кои се рангирани како втори по квалитет по Европското првенство, во 2004 година Вуле беше втор. Тоа беше огромен успех за еден македонски автомобилист. Колку неговата појава на трките на патеките во Германија, Белгија, Австрија, Италија и другите држави предизвикуваше чудење кај гледачите говори и следниот податок.
– Кога во една челенџ-трка за Европското првенство на патеката во близината на Дуизбург поминав трет низ целта, тоа беше големо изненадување за гледачите и за организаторите. Официјалниот спикер на прогласувањето, сакајќи да го потенцира мојот резултат, кога се искачив на пиедесталот рече: „Замислете, овој возач помина повеќе од 2.300 километри од Македонија дотука само за да учествува во трката, а како што гледате успеа и да се искачи на пиедесталот“. За мене поголемо задоволство од тоа немаше, бев пресреќен кога одекна громогласен аплауз од трибините. Очигледно од мојот настап Германците како да беа зачудени, не поради тоа што поминав толкав пат за да учествувам во трката туку зашто дојдов таму во едно бурно време, по распадот на поранешната држава и во ера кога на овие наши простори мака мачевме и да се снабдиме со бензин. Тоа беше времето на транзиција, кое жителите на другите европски држави и не можеа да го сфатат. Тие не знаеја што всушност се случуваше во нашиот регион. Само ние си ги знаевме нашите маки – вели тој.

ТРКАТА НА ВОДНО ВО ЕВРОПСКИОТ КАЛЕНДАР

Во последната декада од минатиот век, по распадот на поранешна Југославија, сите си се организираа во своите држави. Така беше и кај нас, спортските федерации и клубовите настојуваа да се адаптираат на новонастанатата ситуација и секој се снаоѓаше на свој начин.
– Јас со група мои колеги, со кои ги делевме и доброто и лошото на трките, благодарение на разбирањето на „Македонија табак“, која беше една од најсилните фирми во државата, го формиравме клубот Партнер примо. Знаевме дека само со сигурен спонзор ќе можеме и ние да егзистираме, зашто, сепак, се работеше за скап спорт. Во 2004 година „Македонија табак“ се повлече, но Примо, кој веќе застана на свои нозе, продолжи со своите активности. Покрај учествата на натпреварите, ние како клуб често се јавувавме и како организатори на многу трки, од кои најголем труд вложувавме во традиционалната трка на Водно. По наша иницијатива, во соработка со градските фактори, беше освежен асфалтот на патеката, а на опасните места беа поставени и двојни браници. Сакавме да ја зачуваме традицијата на оваа трка, чии почетоци датираа од 1974 година, а својот зенит го доживеа во 2007 година. Тогаш на стартот, покрај домашните, се појавија дури 68 натпреварувачи од странство. Но, како што тоа често се случува кај нас, сето тоа на некои луѓе во АМС како да им пречеше и почнаа да ни ставаат сопки. Замислете, сето ова се случуваше кога успеавме Водно да го уфрлиме во европскиот челенџ-календар. Несогласувањата траеја долго, а во тој временски вакуум трката многу загуби од својот квалитет – вели Димушевски.

ХОКЕНХАЈМ НЕ ОСТАНА САМО СОН

Направив една дигресија да го опишам времето кога Примо стануваше водечки клуб во Македонија, а главен креатор во него беше токму Димушевски. Ангажманите во клубот не му пречеа тој и натаму да се појавува на трките и да победува. Три години едноподруго беше шампион на Македонија на ридските патеки, и тоа во иста класа, што му овозможи да го освои „златниот“ шлем, кој е сон на секој автомобилист. Димушевски, покрај овие три, имаше уште две титули, но во друга класа. Секој спортист има по нешто на кое особено се сеќава и кое трајно е врежано во неговата меморија. Вуле особено памети еден настап, кога детскиот сон стана реалност.
– Го доживеав и тој момент да возам на патеката во Хокенхајм, која беше една од најпознатите и најпрестижни во светот, на која продефилираа сите светски шампиони во Формула 1, но оние познати имиња и во другите класи. Дотогаш одев таму како гледач, но сега ми се укажа шанса и јас да го почувствувам асфалтот на оваа величествена тркачка убавица. Тоа беше нешто неверојатно. Кога дојдов на стартната позиција, ме обзеде некое чудно чувство и самиот не можев да верувам дека, еве, сега сум тука, на патеката за која сонував и мечтаев. Си помислив „Вуле, ете, и тоа го доживеа, детскиот сон стана вистина“. Но не само што се оствари мојот детски сон туку бев пресреќен кога низ целта поминав како трет. Тоа беше голем успех за мене и воопшто за македонскиот автомобилски спорт – вели тој.

ТРИ МАЛЕРИ ВО ЕДНА СЕЗОНА

Животот на автомобилистите е полн со возбуда и со неочекувани случувања. Така, на пример, во една иста сезона на Вуле му се случи на три трки да му „пукне“ моторот.
– Ова е вистина, во која и самиот не можев да поверувам. Во една сезона, на три трки едноподруго, Водно, Авала и Шибеник, да ти „пукне“ моторот не да е малер, туку е нешто неверојатно. Колку што се трудев моторот да биде постегнат и да ја издржи компресијата од форсираното возење, тој толку беше „понепослушен“. Таму каде што сакав да се покажам во најубаво светло, останував на патеката без да поминам низ целта. Но таков е автомобилизмот, полн со неизвесности и непредвидливи пресврти. Можеби затоа сите што сме вљубени во брзините сакаме да седнеме зад воланот и да се фатиме во костец со предизвиците што ги носи трката. Едноставно живееме за таа возбуда – вели Вуле.
И откако престана да се натпреварува, кај Димушевски адреналинот продолжуваше да работи и како да му даваше сила и понатаму да остане во спортот што го исполнува неговиот живот. Но овој пат активноста му беше насочена на друга страна. Не беше тоа борба на тркачката патека, туку на „зелената“ маса. Тој, со својот клуб Примо, неколку години водеше „војна“ со луѓето од АМСМ да се одржуваат традициите и да не паднат во заборав трките низ Македонија. Сакаше и се бореше да им се вратат сјајот и убавината на патеките на кои не само што учествуваше туку и победуваше, како, на пример, на Водно, Пробиштип, Кичево, со еден збор насекаде.
Но човекот што не се штеди и целиот се вложува во спортот, некогаш може да доживее и непријатности. Во 2017 година, кога Вуле со својот тим требаше да слави што, ете, по седумгодишна пауза успеа да ја возобнови трката низ скопските улици и како главен организатор да се грижи да не дојде до инцидент и некој да биде повреден, токму нему му се случи тоа. Еден автомобилист излета од патеката, заврши на тротоарот и удри во Димушевски. Настана штама, имаше и крикови од гледачите. Брзо реагираше и медицинскиот тим, кој итно го префрли во болница. Додека треперевме за неговата судбина, стигна веста дека има неколку скршеници по телото, но е надвор од животна опасност. Така, оваа незгода имаше среќен крај. Целиот Балкански Регион сочувствуваше со шампионот, а откако стана јасно дека брзо ќе закрепне, ни олесна на сите.
Легендарниот Вуле не се предава и натаму останува посветен на автомобилизмот. Може слободно да кажеме дека тој е македонскиот амблем на овој спорт.