На силната Премиер-лига настапија вкупно 342 натпреварувачи од 55 држави

КАРАТЕ – ПРЕМИЕР-ЛИГА ВО ОАЕ

Во Обединетите Арапски Емирати викендов се одржа првиот годинашен турнир од престижната Премиер-лига во карате. Лигата првпат се одржа по нов систем, каде што најдобрите 32 од секоја категорија се натпреваруваа во осум групи со по четворица натпреварувачи, а најдобрите од секоја група се пласираа понатаму.
Македонија ја претставуваат шестмина каратисти (еден во кати и петмина во борби). Емил Павлов (категорија до 67 кг) имаше нерешена борба со Русинот Ернест Шарафутдинов (0-0), а во вториот дуел загуби од Египќанецот Али Есалви (0-2). Петар Заборски (до 75 кг) имаше по една победа, реми и пораз во оваа конкуренција. Го победи Германецот Антон Колб (1-0), загуби од Јорданецот Хасан Масарвех (0-3) и во третата борба беше нерешено со Србинот Љубиша Мариќ (0-0). Петар Спасеновски (до 84 кг) во првата борба оствари нерешен резултат со Јорданецот Мазин Јуаиди (1-1), но поради прв освоен поен на Спасеновски му беше впишана победата, а во вториот дуел загуби од Египќанецот Јусеф Бадави (0-7). Ангела Мојсовска (до 67 кг) загуби од Турчинката Еда Елтемур (4-5), а потоа и од Италијанката Силвија Семераро (1-10).
Во кати, Александар Неделковски немаше среќа при ждрепката. Тој имаше тројца силни противници во својата група и од сите тројца загуби, од Словакот Енрик Самолига, Јапонецот Какеру Нишијама и од Шпанецот Серхио Галан. Јапонија и Шпанија се велесили во дисциплината кати. На силната Премиер-лига настапија вкупно 342 натпреварувачи од 55 држави.