Францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со украинскиот колега Володимир Зеленски во Киев изјави дека верува во можноста за изнаоѓање на конкретно решение за украинската криза.
Тој додаде дека е можно решението да трае со месеци, како и дека треба да се работи на деескалација на ситуацијата, пренесуваат британските медиуми.
Макрон, кој во Киев допатува од Москва, изјави дека двете средби постигнале напредок во придонесот за безбедноста во регионот.
Тој, исто така, кажа дека Зеленски ја потврдил својата подготвеност да го спроведе договорот од Минск, а Путин вчера му пренел дека ќе ги почитува тие договори.
Макрон се наоѓа во Украина, откако претходно шест часа престојуваше во Москва, каде се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.
Британските медиуми пренесуваат дека францускиот претседател по средбата изјави дека Путин се согласил Русија да не почнува нови воени маневри во близина на Украина, но се уште не се знае што таа ќе добие за возврат.
– Со интерес ги очекуваме сигналите што ги донесе Макрон од Москва – рече шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, пред средбата, говорејќи на прес-конференција со министрите на Австрија, Чешка и Словачка.
– Постојано повторував дека сме отворени за дијалог, дека сме конструктивни и бараме дипломатско решение, но нема да ги преминеме нашите црвени линии и никој не може да не принуди на тоа – додаде Кулеба.
Францускиот претседател пред посетата на Москва кажа дека не е можно да дојде до нормализирање на меѓународната ситуација без дијалог со Русија.