Оваа форма на криминал претставува дури 2,5 проценти од светската трговија, или 461 милијарда американски долари. Така, носителите на правата, владите и формалната економија во целина трпат огромни загуби секоја година, додека криминалните мрежи што стојат зад црната трговија профитираат енормно.
Ситуацијата во ЕУ е уште полоша: фалсификуваните и пиратски производи сочинуваат околу 5 проценти од увозот во ЕУ. Така, со едноставна математика и на прв поглед, влијанието на негативните последици од фалсификувањето е двојно поголемо за развиените економии на ЕУ отколку за целиот свет, иако синџирот на негативните удари по економијата е уште понесогледлив
СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА ТРПИ НЕПОПРАВЛИВИ ШТЕТИ ОД ФАЛСИФИКАТОРИТЕ
Продажбата на добро ископирана брендирана облека и обувки е еден од најплодните бизниси за криминалните организации, кои на туѓ бренд и долгогодишен труд и мака најлесно заработуваат илјадници евра во своите џебови, кои, пак, потоа се користат за разни други илегални операции. Тоа е еден од криминалите што најтешко се откриваат, бидејќи копиите толку добро одговараат со оригиналите, што многумина наседнуваат мислејќи дека купиле квалитетно и брендирано парче облека. Сепак, тоа е далеку од вистината. Поевтината цена, евтината изработка, неквалитетното пакување и местото каде што се продаваат се доволен показател дека тие производи не се оригинал.
ФАЛСИФИКУВАНИ БРЕНДОВИ ЈА ЗАДУШУВААТ ЕКОНОМИЈАТА НА ЕУ
Трговијата со фалсификувани и пиратски стоки е голем предизвик за глобалната економија. Организираните криминални групи играат сè поважна улога во овие активности и имаат значителна корист од фалсификувањето и пиратеријата.
Трговијата со лажни стоки цвета и ги погодува продажбата и профитот на фирмите погодени од неа. Тоа влијае на владите, на бизнисот воопшто и на потрошувачите, ги намалува приходите, како и економската благосостојба, здравјето и безбедноста на купувачите.
Овој криминал претставува дури 2,5 проценти од светската трговија или 461 милијарда американски долари. Така, носителите на правата, владите и формалната економија во целина трпат огромни загуби секоја година, додека криминалните мрежи што стојат зад трговијата профитираат енормно.
Ситуацијата во ЕУ е уште полоша: фалсификуваните и пиратски производи сочинуваат околу пет проценти од увозот во ЕУ. Така, влијанието на фалсификувањето е двојно поголемо за развиените економии на ЕУ отколку за целиот свет.
Но штетата оди подалеку од непосредното влијание на една и друга загуба. Фалсификувањето и пиратеријата се закана за одржливите деловни модели засновани на интелектуална сопственост и патентирање, бидејќи тие исто така ги обесхрабруваат иновациите и работат против економскиот раст што се заснова на нив.
ОРИГИНАЛИ ЗА НИСКА ЦЕНА
Фалсификуваните обувки, облека, чанти и парфеми се доста сериозен проблем и во земјава. Пред неколку години Министерството за внатрешни работи имаше акција на Бит-пазар и во Шутка, каде што беа откриени голем број фалсификувани производи. За жал, со таа акција не му се стави крај на овој бизнис. Брендирани копии на скапи парфеми и денес се продаваат од човек на човек, без пакувања. Продавачите велат дека така им било полесно да ги продаваат, но, всушност, тоа се добро изработени копии на оригиналите.
– Имам пријател што продава парфеми буквално во исти шишиња како оригиналите, меѓутоа не се спакувани во кутии. Ги продава по реално пониска цена од онаа што е утврдена на пазарот, односно во парфимериите. И за волја на вистината, има и многу муштерии што редовно купуваат од неговите „оригинали“ – вели Ненад Митревски.
На социјалните мрежи, пак, „врие“ од продажба на оригинал патики од брендовите „најки“, „адидас“, „пума“, по цени исто така драстично пониски од оние во продавниците за спортска опрема.
– Има една страница „купи патики онлајн“, каде што по евтини цени се продаваат оригинал патики. Мислев дека навистина станува збор за оригинал, па се излажав и порачав еден пар. Кога пристигнаа, воопшто не личеа на оригиналот. Требаше да сфатам дека станува збор за копија според ниската цена, но ајде, си реков, можеби имаат попуст – вели Сузана Христовска.
Граѓаните велат дека на пазарите има секакви патики што изгледаат идентично како оригиналите. Исто така по пазарите можат да се најдат и фалсификувани чанти, козметика, тренирки…
Она што не го купуваат во Германија се продава на Косово
На граничниот премин Хоргош во Србија, цариниците успеале да откријат 600 пара непријавени обувки во приколка на едно комбе, кое од Германија било упатено кон Косово и Метохија.
Како што соопшти Царинската управа на Србија, повеќе од половина тон неносени машки и женски обувки, од влечки до чизми, биле пронајдени во приколка на „фијат дукато“, со регистарски таблички од Бујановац.
Станува збор за обувки што долго време не се продавале, па затоа биле препратени на продажба за косовските потрошувачи. Како што велат надлежните, ова е само еден од безбројните примери како стоката што нема да се продаде во одделни држави од Западна Европа си го наоѓа својот пат на пазарите во регионов, а особено на Косово, од каде што подоцна се дистрибуира и во нашата земја.